Германската авиокомпанија „Lufthansa“ објави дека планира да купи уште 102 нови авиони од европскиот производител Ербас, за да ја подобри енергетската ефикасност и да ги задоволи идните потреби на пазарот.
Извршниот директор Кристоф Франц во соопштението извести дека управниот одбор одобрил да се купат 2 Ербас А380 и 30 Ербас А320. Одборот ја овласти администрацијата да ги заврши преговорите за купување на дополнителни 70 Ербас авиони од типот на А320 и А 321.
Франц истакнува дека целта на купувањето е создавање модерна и енергетски ефикасна флота, а не ширење на флотата. Компанијата се обидува да ги намали трошоците и да ја подобри добивката.
„Lufthansa“, исто така објави дека планира да купи шест авиони од типот на Боинг 777 за својата швајцарска подружница. Тие соопштија дека досега имаат нарачано 236 авиони кои треба да им бидат испорачани до 2025 година, а нивната вредност е 22 милијарди евра.