Тешко е да се поверува дека Баерн Минхен, без Робен и Рибери, може да ја надополни негативата од три гола по првиот полуфинален натпревар против Барселона, сепак во историјата на Лигата на шампионите, чуда секогаш се случувале.
Се памети победата на Манчестер Јунајтед над Баерн во 1999-та година, или титулата на Ливерпул во 2005-та година, како и неверојатниот реванш во Ла Коруња во 2004-та година, кога домаќинот го декласираше Милан.
Веројатно најголемиот пресврт во ЛШ го приреди Манчестер Јунајтед во 1999-та година на „Ноу Камп“ во Барселона. Во финалето Баерн поведе со голот на Марио Баслер во шестата минута, а Манчестер прсеврт направи за нецели две минути во судиското надополнување на времето кога Теди Шерингам и Оле Гунар Солскјер постигнаа погодоци.
Таа сезона Јунајтед и во полуфиналето против Јувентус направи подвиг. Во првиот меч на „Олд Трафорд“ Јунајтед од пораз го спаси Рајан Гигс со гол во последната минута за 1-1, а во реваншот и покрај негативата од 2-0 по 11 минути (два гола на Инзаги), на крајот „црвените ѓаволи“ победија со головите на Рој Кин, Двајт Јорк и Енди Кол и изборија пласман во историското финале со Баерн.
Чудо во финалето приреди и Ливерпул, во 2005-та година во Истанбул „црвените“ ја освоија титулата иако по 45 минути, Милан со головите на Паоло Малдини и Ернан Креспо водеше со 3-0. Ливерпул израмни во првите 15 минути од вториот дел преку Стивен Џерард, Владимир Шмицер и Чаби Алонсо, а подоцна по изведувањето на пенали ја освои титулата.
Неверојатен пресврт направи и Депортиво Ла Коруња, во 2004-та година, во четвртфиналниот двомеч со Милан. Првиот меч во Милано заврши со победа на „росонерите“ од 4-1, но Депортиво во реваншот го прегази противникот со 4-0 и се пласираше во полуфиналето каде испадна од Порто. Тогаш еден од најдобрите светски тимови го срушија Валтер Пандијано, Хуан Карлос Валерон, Алберт Луке и Фран.
Истата година и во истата фаза, Монако го шокираше Реал Мадрид, кој на домашен терен победи со 4-2, а реваншот го загуби со 3-1 иако водеше со 0-1. Лудовик Жили постигна два гола, а судбината на „кралскиот клуб“ ја запечати играчот кој беше испратен на позајмица во Монако, Фернандо Мориентес.
Монако во полуфиналето потоа беше подобар и од Челзи, но во финалето загуби од Порто.
Депортиво Ла Коруња приреди неверојатен пресврт и во 2001-ва година кога во вториот натпреварувачки круг, во директниот дуел за пласман во четвртфиналето славеше над ПСЖ со 4-3, иако по 55 минути имаше негатива од 0-3. Херој на таа победа на Депортиво беше Валтер Пандијани кој постигна три гола.