Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони, во женска конкуренција, ќе се одигра во наредните два дена во Будимпешта. Дел од најдобриот квартет во Европа втора година по ред е и македонскиот првак ЖРК Вардар.
„Црвено-црните“ ракометарки имаа една турбулентна сезона, полна со успони и падови, партии од сјај до очај, но најдоброто го дадоа кога беше најпотребно, во четвртфиналето против Ѓер.
Вардарки ја прекинаа двегодишната доминација на Ѓер во Лигата на шампионките, а во Будимпешта ќе се обидат да го запоседнат европскиот трон.
Квалитет во тимот за таков подвиг сигурно има, оптимизам исто така, особено по доаѓањето на данскиот стратег Јан Питлик, кој во многу нешта и помогна на Индира Кастратовиќ.
На патот до финалето на Вардарки им стојат старите познанички, ракометарките на Будуќност. Искуството на Вардарки од соочувањата со Црногорките не е позитивно, минатата сезона во полуфиналето Будуќност победи и избори пласман во финалето, а оваа сезона во фазата по групи Вардар одигра нерешено во Скопје, а загуби во Подгорица.
Во пресрет на натпреварот од двата тима делат комплименти за играта на противникот и се надеваат дека токму тие ќе играат во финалето. Дуелот ќе биде интересен бидејќи на теренот ќе бидат двете најефикасни ракометарки во ЛШ – Кристина Неагу (92) и Андреа Пенезиќ (89).
Полуфиналната програма на завршниот турнир во Лигата на шампионките ќе започне во 14:15 часот со дуелот помеѓу Карвик и Динамо Синара, а Вардар и Будуќност дуелот ќе го стартуваат од 16:45 часот.