На купувачите на смартфони очигледно им се допаѓа златото. Тоа се гледа од последниот тренд кај овие уреди – се поголем дел од корисниците преферираат паметни телефони во златно.
Особено силен е овој тренд кај приврзаниците на смартфони со брендот „Samsung“, покажуваат податоците од компанијата.
Над 25% од продадените нови модели „Galaxy S6“ на јужнокорејскиот производител се токму во златна боја. Силна побарувачката доведе до недостиг на смартфоните со оваа боја во Европа. Од „Samsung“ објавија дека започнале дополнително производство на паметни телефони со златна боја, за да одговорат на зголемената побарувачка.
Во последните неколку месеци златната боја ја надмина продажбата на традиционалните бела и црна кај смартфоните.
„Златната боја е симбол на богатство, високи идеали, оптимизам и мудрост“, според британскиот психолог Дона Досон.
Моделот „Galaxy S6 Edge“ наскоро ќе биде претставен и во целост изработен во верзии од злато и платина од страна на компанијата „Goldgenie“. Се очекува неговата цена да е околу 2.400 долари.
Во натпреварите со златната боја се вклучи и „Apple Inc.“, чиј модел „iPhone 5s“ беше претставен и во златна боја во септември 2013-та година. Тој беше голем хит, особено на кинескиот пазар. Новите два модели на „Apple“ – „iPhone 6“ и „6 Plus“, исто така се нудат и во златна боја, а нивната побарувачка исто така значително ја надминува понудата.