Одлуката на Шпанскиот фудбалски сојуз (RFEF) да ги суспендира последните две кола во Примера и во пониските лиги, како и финалето во националниот Куп, ја поддржа Здружението на фудбалери (AFE), што само дополнителни ја закомпликува ситуацијата во финишот на сезоната.
„Играчите ќе ја следат одлуката за штрајк која ја донесе RFEF. Знаеме дека сме во право и решителни сме во нашите намери поделбата на парите во шпанскиот фудбал да биде правилна“, рекол претседателот на Здружението на фудбалерите, Луис Рубиалес.
RFEF е незадоволен од начинот на кој се распределуваат парите во шпанскиот фудбал, особено парите од телевизиските права. Според новиот предлог на законот големите клубови повеќе не би можеле сами да склучуваат договори со телевизиите, туку тоа би го правела лигата. Доколку тоа се случи најголем бенифит ќе имаат помалите клубови.
„Сакаме да се намали разликата помеѓу првата и втората лига како што е тоа случај во цела Европа. Овој проблем веќе можеше да биде решен, но нас никој не не покани на преговарачката маса“, дополнил Рубиалес.