20 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИДобивката на Adidas се зголеми за 8 отсто, подобра продажба во САД

Добивката на Adidas се зголеми за 8 отсто, подобра продажба во САД

adidas-store

Производителот на спортска опрема „Adidas“ забележа во првиот квартал раст на добивката од 8.2 проценти или 221 милиони евра, како резултат на добрата продажба на брендовите „Adidas“ и „Reebok“, како и одличната продажба во САД и на другите пазари.

Продажбата, прилагодена со валутните ефекти, порасна во првиот квартал за 9 проценти или 4.08 милијарди евра, извести вчера германската компанија.

Успешниот квартал е добра вест за извршниот директор на „Adidas“, Херберт Хајнер, кој веќе долго време е под притисок од акционерите поради анемичните бизнис извештаи и признанието дека нема да ги исполнат планираните финансиски цели за 2015-та. Некои инвеститори дури го повикаа Хајнер да си поднесе оставка, но тој тоа го одби.

Продажбата во Северна Америка поразна во изминатите три месеци за 7 посто во однос на истиот период од минатата година. Компанијата настојува да ја врати својата некогаш доминантна позиција на пазарот во САД, која веќе долго време ја држи нејзиниот најголем конкурент – „Nike“.

Минатата есен „Adidas“ заостана и зад компанијата „Under Armour“, па падна на третото место според продажбата на спортска облека и обувки на американскиот пазар. Во април минатата година, „Adidas“ го ангажираше ветеранот Марк Кинг да направи пресврт во работењето на американската подружница.

Од „Adidas“ известија и за раст на продажбата и во другите региони, од 11 проценти во западна Европа до 21 отсто во Кина.

Но, црна точка повторно беше Русија, каде падот на вредноста на рубљата и слабата економија ги притиснаа резулатите на странските компании.

„Adidas“ моментално во тој регион затвора повеќе продавници, отколку што отвора. Вкупната продажба на групацијата во Русија и другите држави од поранешниот Советски Сојуз забележа пад во првиот квартал од 3 отсто, кога ќе се земе во предвид флуктацијата на валутата. Изразена во евра, продажбата падна за 34 проценти на годишно ниво.

Брендот „Reebok“, кој „Adidas“ го купи во 2006-та за 3 милијарди евра, забележа раст на продажбата во изминатите три месеци за 9 посто во однос на истиот период од 2014-та.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП