8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНорвешка најдобра земја за мајките, Македонија 37-ма од 179 држави

Норвешка најдобра земја за мајките, Македонија 37-ма од 179 држави

majka dete

Норвешка е најдобрата, а Сомалија е најлошата земја за мајките, покажа извештајот на меѓународната непрофитна организација Save the Children кој беше објавен денеска, во кој Македонија е на 37-то место на листата од 179 анализирани држави.

Норвешка од второто место минатата 2014 година се искачи на првото, благодарејќи на најдобрите резултатите во сите пет показатели: здравјето на мајките и децата, пристапот до образованието, како и политичкиот и економскиот статус на жените. Според условите во кои живеат мајките и децата, најлоша земја, втора година со ред е Сомалија, во којашто 15 отсто од децата не го доживуваат петтиот роденден, се наведува во извештајот на организацијата чија цел е заштитата и промовирањето на правата на децата.

Македонија е рангирана на 37-те позиција, а од земјите од регионот подобро се рангирани Словенија (15), Хрватска (30) и Србија (35), додека Црна Гора е на 42-ра, Бугарија – 44-та, БиХ – 54-та и Албанија 82-ра.

Според т.н. Mother Index, во Македонија една на 10.200 жени умираат од компликации поврзани со бременоста (од 2013 година), пред петтата година од животот умираат 6,6 од 1.000 деца, очекуваното формално школување трае 13,4 години, заработката на жените (2013) изнесувала изразено во американски долари 4.870, а на жените отпаѓа 33,3 отсто од местата во власта на национално ниво.

Европските земји убедливо предничат меѓу првите десет земји со најдобри услови за живот на мајките и децата: Норвешка, Финска, Исланд, Данска, Шведска, Холандија, Шпанија, Германија, Австралија и Белгија.

Последните десет земји на листата, во извештајот за 2015 година, повеќето се земји од западна и централна Африка, и тоа од последното 179-то место: Сомалија, Демократска Република Конго, Централноафриканската Република, Мали, Нигер, Гамбија, Брегот на слоновата коска, Буркина Фасо, Хаити и Сиера Леоне. Во овие земји во просек една на 30 жени умира од компликации поврзани со бременоста, а едно од осум деца починуваат пред петтата година, предупредуваат од Save the Children.

„Собраните податоци укажуваат на големиот јаз меѓу богатите и сиромашните земји и бараат итна акција за да се подобрат здравјето и животните услови на мајките и на нивните деца“, се наведува во извештајот на организацијата.

Анализата, исто така, ја потврдува погубната улога на војните и лошото владеење врз животните услови за мајките и децата во тие земји. Девет од единаесетте најлошо оценети земји, имено, се погодени од војни или политички нестабилности, што значи дека не се во состојба да го обезбедат ниту најнеопходните услуги за задоволување на основните потреби на своите граѓани, се истакнува во заклучокот на ова организација за заштита на правата на децата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП