18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШвајцарците се најсреќна нација во светот, ние сме на 93-то место

Швајцарците се најсреќна нација во светот, ние сме на 93-то место

svic3

Според Меѓународната студија за среќата (The 2015 World Happiness Report), Швајцарија е најсреќна земја на светот, а зад неа се Исланд, Данска, Норвешка и Канада.

Нашата држава во ова рангирање се наоѓа на 93-то место, а во оваа студија се вклучени вкупно 158 земји.

Финска, Холандија, Шведска, Нов Зеланд и Австралија се од 6-то до 9-то место, САД се на 15-то место, Белгија е 19-та, Велика Британија е 21-ва, а Германија е на 26-то место.

Нашите северни соседи, Србите се посреќни од Македонците, според студијата. Тие се на 87-мо место, зад Словенците кои се 55-ти, и Хрватите кои се на 62-ро место. Во рангирањето е и Косово, кое е на 69-то место. Пред нас се и Црногорците, кои се 83-ти, а зад нас се Албанија (95-то) и Босна и Херцеговина (96-то).

Целта на извештајот за среќата во светот е да се влијае на политиките на државите.

Обединетите нации (ОН) оваа студија ја објавиле првпат во 2012-ра година.

Листата е составена на основа на животниот век на граѓаните, здравјето, бруто националниот приход по глава на жител, општествената поддршка – дали жителите може да имаат поддршка, довербата која се мери со перцепцијата на отсуство на корупцијата, слободата при одлучување во животот и на основа на проценката на великодушноста во општеството.

„На листата во 2014-та година се тринаесет првопласирани земји, кои само си ги замениле местата“, изјави Џефри Сакс, директор на Институтот за Земја на Универзитетот Колумбија во Њујорк, еден од авторите на извештајот.

prvi 30222

Овие земји имаат богатство и силна општествена поддршка, релативно чесна и одговорна власт.

„Земјите во таа група не се високо рангирани поради приходите, туку поради општествената поддршка или по двата критериуми“, додава Сакс.

Во групата на најмалку среќни земји се Авганистан, Сирија, Того, Бурунди, Бенин, Руанда, Буркина Фасо, Брегот на слонова коска, Гвинеја и Чад.

Освен парите, извештајот ги нагласува правичноста, чесноста, довербата и доброто здравје.

Ирска и Исланд се најдобри примери на земји кои успеале да останат среќни, благодарејќи на силната општествена поддршка и покрај силната финансиска криза која сериозно ги погоди.

„Една од препораките е дека мерењето на среќата би му помогнало на светот во овој период да бидат поставени нови цели на одржлив развој“, вели Сакс.

Тој го нагласи значењето на детството за остварување на среќен живот.

„Мора рано да инвестираме во живот на децата, за да станат независни кога ќе пораснат, да бидат продуктивни и среќни. На тој начин тие ќе придонесуваат и општествено и економски“, заклучи тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП