20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 13.03.2013

 

Берлин – Бројот на компаниите кои минатата година банкротираа во Германија е намален за шест отсто на 28.304, соопшти статистичката служба во Берлин. Последниот пат бројот на корпоративните банкроти во Германија порасна во текот на финансиската криза во 2009 година, а најголемиот број стечаи е забележан во 2003 година, кога вкупно 39.320 фирми прогласија банкрот. Бројот на домаќинствата кои банкротирале исто така е намален трета година по ред, за 5,5 отсто на 97,635, наведуваат статистичарите.

 

Амстердам – Уделот на продажбата на зелени производи на компанијата „Ројал Филипс Електроникс“ достигна 11,3 милијарди евра, што е 45 отсто од вкупната продажба. Тие податоци покажуваат дека компанијата значително се приближи до реализацијата на својата програма на одржлив развој „Еко визија“, соопшти „Филипс“. Компанијата лани во зелени иновации вложи 569 милиони евра со намера до 2015 година обемот на инвестиции да го зголеми на 2 милијарди евра.

 

Њу Делхи – Индустриското производство во Индија напредуваше повеќе од очекувањата во јануари, со раст од 2,4 отсто на годишно ниво, покажаа официјалните податоци во Њу Делхи. Јануарскиот раст на производството во индиските фабрики и рудници ги надмина очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од еден отсто, по падот од 0,6 отсто во декември. Пополнувањето на резервите по слабиот тренд на раст од декември веројатно го поттикна производството, наведе аналитичарот на фирмата „Номура“, Кенди Чанг, додавајќи дека индустрискиот раст веројатно ќе остане слаб, поради лошиот систем на достава како резултат на лошата инфраструктура во земјата и релативно слабата глобална побарувачка.

 

Минхен – Најголемата реосигурителна куќа во светот „Минхен Ре“ соопшти дека оваа година очекува стабилен профит, откако во 2012 нејзината заработка се зголеми за четирипати. – Иако зајакнувањето на јавните финансии и високата невработеност ќе резултираат со побавен економски раст во многу индустријализирани земји, ние сме оптимисти, рече директорот на компанијата Николаус фон Бомхард. – Во 2013 година очекуваме профит од околу три милијарди евра, додаде тој.

 

Берлин – Инфлацијата во Германија забави во февруари на најниско ниво во последните две години. Трошоците за живот во Германија минатиот месец пораснаа за 1,5 отсто на годишно ниво, во однос на 1,7 отсто од јануари. Пониска инфлација последен пат е регистрирана во декември 2010 година, кога изнесуваше 1,3 отсто.

 

Љубљана – Белгиската банка КБЦ и го продаде на државата Словенија својот удел од 22 отсто акции во најголемата словенечка банка НЛБ, со што официјално се повлече од таа банкарска групација. Така државата, по цена од едно евро за акција, стана сопственик на уште 22 отсто акции на НЛБ, со вкупна вредност од 2,76 милиони евра, зајакнувајќи ја својата позиција во банката која последните години бележи големи загуби поради ненаплатливи кредити и на која оваа година ќе и треба нова докапитализација. Договорот за продажба на акциите е најавен кон крајот на минатата година, но беше неопходно да го одобри Канцеларијата за заштита на конкурентноста.

 

Лондон – Активноста на преработувачкиот сектор во Велика Британија е намалена во јануари за 1,5 отсто во однос на декември, што е уште еден удар за надежите дека земјата ќе избегне нова рецесија. Поширокото индустриско производство, кое опфаќа производство на електрична енергија и гас, производство во рудниците и снабдување со вода, е намалено за 1,2 отсто во јануари во однос на нивото од претходниот месец. Аналитичарите кои учествуваа во анкетата на агенцијата „Дау Џонс Њусвајерс“ очекуваа дека производството во преработувачкиот и индустрискиот сектор во јануари да порасне за по 0,1 отсто на месечно ниво.

 

Берлин – Германскиот буџетски дефицит дополнително ќе се намали и во текот на 2014 година, наспроти апелите на меѓународните институции Берлин да прекине со спроведување на буџетски кратења во корист на стопанскиот раст. Според наводите на германскиот весник „Зидојче Цајтунг“, германската федерална влада ќе претстави план за буџетскиот дефицит за 2014 година од околу 7 милијарди евра, што е двојно пониско од досегашните проценки. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во текот на дискусијата за буџетот која е во тек, истакна дека буџетската консолидација е приоритет на следниот буџет.

 

Берн – Најголемиот швајцарски производител на електрична енергија „Алпик“, забележа нето загуба поголема од милијарда франци во 2012 година. Компанијата која лани спроведе големи реформи, сепак успеа во 2012 година да ја сведе загубата на 1,086 милијарди франци, од 1,346 милијарди во 2011 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП