„VW“ на авто-саемот во Шангај прикажа концепт на нова луксузна лимузина. Од германскиот производител велат дека овој автомобил нуди увид во дизајнот на идниот топ модел на брендот „Volkswagen“.
Со должина од преку 5 метри, концептот „C Coupe GTE“ би можел да претставува највава за следната генерација на моделот „Phaeton“, во случај во „Volkswagen“ да се одлучат да продолжат да ја произведуваат лусузната лимузина со исто име.
Автомобилот ги следи стилските карактеристики на најновата гама на „VW“ модели, пред се на новиот „Passat“, со нагласена хоризонтална решетка на маската на ладилникот и тесните фарови.
Во споредба со помалиот „Passat“, концептот „C Coupe GTE“ има издолжена, ниска силуета, долга хауба и малку поголемо надвиснување преку предните тркала.
Издувниот систем завршува со два пара симетрично поставени трапезоидни отвори кои се елегантно вклопени во задниот браник.
Дека станува збор за навистина лускузно возило, најдобро може да се види кога ќе се отворат вратите и ќе се погледне во кабината.
Автомобилот е дизајниран да има 4 одвоени седишта кои многу потсетуваат на авионски седишта во бизнис класата.
Особено внимание е посветено на патниците кои ќе се возат позади. Со меѓуосовинско растојание од 3 метри, возилото нуди доволно место за нозете, што „VIP“ клиентите во Кина особено го ценат. (Поради тоа многу светски производители прават специјални верзии од своите лимузини со продолжено растојание меѓу осовините – само за кинескиот пазар).
Кабината е целосно дигитализирана, а во наслоните за глава на предните седишта се сместени два екрани.
Патниците на задните седишта можат да контролираат одредени функции во возилото (климата, мултимедијалниот систем…) преку „touchscreen“ уредите кои се наоѓаат во потпирачот за раце.
За подгон е избран „Plug-In“ хибриден систем кој се состои од четирицилиндарски „TSI“ турбо-бензинец со 210 ks (155 kW) и електромотор со 124 ks (91 kW).
Вкупната комбинирана моќ на погонскиот систем изнесува 245 ks (180 kW), а максималниот вртежен момент е 500 Nm.
Со помош на осумстепениот автоматски менувач, лумузината е во состојба од место до 100 km/h да забрза за 8,6 секунди и да достигне максимални 232 km/h.
„Volkswagen“ при изборот на моторот ги имаше во предвид и еколошките карактеристики, па „C Coupe GTE“ може да се вози и само со помош на електромотор со брзина до 130 km/h, и притоа да мине до 50 km пред батеријата да се испразни.
Кога се користат капацитетите на двете погонски единици, вкупната автономија на движење изнесува преку 800 km.
Просечната фабрички декларирана потрошувачка е 2,3 l/100 km, a „CO2“ емисијата е 55 g/km.