Финската компанија „Nokia“ ќе го купува францускиот конкурент „Alcatel-Lucent“ во договор со акции во вредност од 15,6 милијарди евра, објави „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека тоа ќе и овозможи на „Nokia“ да се натпреварува со „Ericsson“ на пазарот на технологии за мобилни оператори.
Спојувањето на двете компании ќе се измени целосно статусот на секторот кој во моментов се карактеризира со низок раст и силна конкуренција од кинеските играчи „Huawei“ и „ZTE“.
Новата компанија ќе има приближно 114.000 вработени и општи приходи од околу 26 милијарди евра. Пазарниот нејзиниот удел во областа на технологијата за мобилни оператори ќе ја стави на второ место во светот со 35%, зад лидерот „Ericsson“, кој држи 40%, но пред „Huawei“, која е со 20%.
„Nokia“ ќе им даде на акционерите на „Alcatel-Lucent“ по 0.55 акции во новата фирма за секоја од нивните акции во претходната компанија, што значи дека 33,5% од новата фирма ќе биде во рацете на акционерите на „Alcаtel“, во случај овој предлог да се прифати во целост.
Се очекува договорот да биде финализиран во првата половина на 2016-та година, а со него ќе се заштедат 900 милиони евра оперативни трошоци до крајот на 2019-та година, објавија двете компании.
Со новата компанија „Nokia“ ќе има поголемо учество на северноамериканскиот пазар, каде „Alcatel-Lucent“ има блиски односи и договори со „AT&T“ и „Verizon“.
Акциите на финската компанија поскапеа за 3% утрово, додека оние на француската поевтинија за 11%.