26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 12.03.2013

 

Амстердам – Во февруари во Холандија се прогласени најголем број банкроти на фирми во еден месец од 1981 година, откако се води евиденција таква евиденција, покажаа податоците на Централното биро за статистика. Бирото исто така наведува дека бројот на банкротите во последните три месеци е највисок во историјата и изнесува 680 стечаи месечно, не сметајќи ги фирмите во кои работи само по едно лице. Холандската економија е западна во криза поради мерките за штедење што го воведе Владата во обид да ги исполни европските буџетски прописи кои бараат земјите своите јавни дефицити да ги спуштат на ниво под три отсто од годишниот БДП.

 

Атина – Ревидираните економски податоци во Грција покажаа дека економијата на земјата во четвртиот квартал опадна со побавно темпо во однос на првичните проценки, додека на ниво на цела 2012 година забележа пад од 6,4 отсто. Грција, која е зависна од меѓународна финансиска помош, минува низ шеста година на рецесија на која значајно влијаат мерките за строго штедење, кои меѓународните кредитори ги бараа во замена за доделената помош. Заводот за статистика во Атина соопшти дека во последните три месеци од 2012 година е забележан негативен стопански раст од 5,7 отсто во однос на истиот период во 2011 година, што е незначително пониско во однос на претходно оценетиот економски пад од шест отсто.

 

Рим – Економијата на Италија падна за 0,9 отсто во четвртиот квартал во 2012 година во однос на претходните три месеци, соопшти Заводот за статистика во Рим. Во однос на последниот квартал во 2011 година, БДП во четвртото тримесечје лани е намален за 2,8 отсто, наведе Заводот. Италијанската економија во првите три квартали во 2012 година бележеше падови од 0,9 отсто, 0,7, односно 0,2 проценти. Стопанскиот пад во четвртиот лански квартал е шести квартален пад по ред, што моментаната рецесија во Италија ја прави најдолга во последните 20 години.

 

Берлин – Трговскиот суфицит на Германија е намален во јануари, бидејќи увозот е зголемен со побрзо темпо од извозот, соопшти германскиот Завод за статистика Дестатис. Најголемото европско стопанство во јануари извезе стока вредна 91,9 милијарди евра, што е за 1,4 отсто повеќе од декември, наведе Дестатис. Увозот истовремено пораснал за 3,3 отсто на 76,2 милијарди евра, што значи дека сезонски прилагодениот трговски суфицит во јануари е намален на 15,7 од 16,9 милијарди евра во декември, наведуваат статистичарите.

 

Виена – Австрскиот министер за економија Рајнхолд Митерленер очекува стопански раст во Австрија од 2 отсто во идната година, што е пооптимистичка од прогнозата на Европската комисија. – За 2014 година јас очекувам раст од 2 отсто, за разлика од Европската комисија која за Австрија прогнозираше раст од 1,7 отсто, рече Митерленер во интервју за виенскиот економски весник „Виртшафтсблат“.

 

Брисел – Европската комисија даде согласност за преземање на руско-британската нафтена компанија ТНК-БП од страна на „Росњефт“, напоменувајќи дека внимателно ги разгледала ефектите од предложената трансакција. – Како за сите државни компании Комисијата оценуваше дали „Росњефт“ работи независно од државата или постои можност државата да влијае на активноста на компанијата во секторот, наведено е во соопштението на ЕК. Истражувањето кое го спроведе Комисијата потврди дека заедничката компанија ќе продолжи да се соочува со силна конкуренција и дека нејзините клиенти ќе имаат можност да изберат други доставувачи и други можности за испорака на нафта.

 

Пекинг – Кинеските банки го намалија обемот на кредитирање во февруари во однос на јануари, поради намалената ликвидност и помалиот број на работни денови поради прославата на Лунарната Нова година. Банките во Кина минатиот месец одобрија нови кредити вредни 99,3 милијарди долари, во однос на 172 милијарди долари во јануари, наведе централната банка во Пекинг. Економистите кои учествуваа во анкетата на агенцијата „Дау Џонс њусвајерс“ очекуваа дека одобрените кредити ќе бидат вредни 112,5 милијарди долари. Тие оценуваат дека на кредитирање во февруари влијаел празникот Лунарна Нова година, но дека помалиот број на кредити исто така е знак дека централната банка се обидува да го намали кредитирањето кое во јануари беше речиси двојно зголемено во однос на нивото од декември.

 

Доха – Четвриот по големина извозник на гас во светот, Катар, откри дополнителни резерви од 68 милијарди кубни метри природен гас во водите на северот на земјата, јавија локалните медиуми. Наоѓалиштето е откриено во Северното поле број 4, на длабочина од околу 70 метри. Гаста е откриена по четири години интензивно истражување, вклучувајќи две нови наоѓалишта, соопшти министерот за енергетика Мохамед ал-Сада.

 

Токио – Јапонскиот производител на цигари „Џапан Тобако“ (ЈТ) соопшти дека Владата во Токио со продажба на дел од акциите во фирмата ќе заработи околу 7,8 милијарди долари, кои ќе бидат искористени за финансирање на реконструкцијата по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година. ЈТ, една од најголемите тутунски компании во светот, меѓу чии меѓународни брендови се и „Винстон“ и „Камел“, наведе дека 253 милиони акции ќе се продадат по цена од 31 долар за акција. Со тоа државниот удел во ЈТ ќе се намали за една третина од сегашните 50 отсто.

 

Москва – Надворешниот долг на Русија во 2012 година е зголемен за 41,8 отсто сметано во долари и за 38,6 отсто ако се пресметува во евра, покажаа објавените податоци на Министерството за финансии. На 1 јануари 2013 година, обемот на надворешниот долг на земјата изнесувал 50,77 милијарди долари или 38,33 милијарди евра. Во 2011 година рускиот надворешен долг во однос на 2010 е намален за 10,4 отсто во долари, а за 8,4 отсто во евра.

 

Пекинг – Продажбата на автомобили во Кина, водечки светски пазар на автомобили, е зголемена во првите два месеца во 2013 година, благодарение на силната побарувачка и етапното зајакнување на стопанството, наведе Здружението на кинески производители на автомобили (ЦААМ). Во јануари и февруари во Кина вкупно се продадени 3,39 милиони возила, што е за 14,7 отсто повеќе во однос на истиот период лани, наведува ЦААМ. – Автомобилската индустрија оваа година добро стартуваше, а побарувачката на возила остана силна, наведе организацијата. Пресметувањето на продажбата за два месеца ги прави резултатите точни, бидејќи лунарната Нова година оваа година падна во февруари, во однос на минатата кога беше во јануари.

 

Сараево – Според прелиминарните податоци за банкарскиот сектор во Босна и Херцеговина вкупните неквалитетни кредити на крајот од 2012 година изнесувале 1,4 милијарди конвертибилни марки, односно 712,6 милиони евра, со што на нив отпаѓале 13,2 отсто од вкупните кредити. Како што соопшти Агенцијата за банкарство на БиХ, индикаторот за квалитетот на кредитите на банките благо е влошен во однос на крајот на претходната година, посебно учеството на неквалитетни кредити кое е зголемено за 1,3 отсто во однос на крајот на 2011 година, како резултат на растот на вкупните неквалитетни кредити за 12,4 отсто или 155 милиони КМ.

 

Париз – Новиот џамбо џет А350 на француската компанија „Ербас“ ќе го има својот прв лет претстојново лето, потврди компанијата. Директорот на компанијата Џон Лихај изјави дека „Ербас“ не се откажал од производството на помалата верзија А350-800, спротивно на минатонеделните тврдења на „Катар ервејз“, кој е најголем купувач на авиони А350.

 

Берн – Швајцарската осигурителна компанија „Хелвеција“, специјализирана за транспортниот сектор, лани го зголеми профитот за 18 отсто на 342,2 милиони франци, иако резултатите во областа на осигурувањето на живот се во пад. Приходите од продажбата лани паднаа за 2,7 отсто на 6,9 милијарди франци, соопшти компанијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП