17 јуни, 2024
ПочетнаАВТОБИЗMercedes-Benz GLE - новата M-Class (фото)

Mercedes-Benz GLE – новата M-Class (фото)

mb gle

Германскиот производител „Mercedes-Benz“ го откри официјално кросоверот „GLE“, чија премиера пред публиката е закажана за почетокот на април во Њујорк.

Новиот „GLE“ претставува всушност модернизирана верзија на „M-Class“, означена според новиот систем за именување на моделите на компанијата.

Таа личи и од дизајнот, кој во „Mercedes-Benz“ го „ажурирале претпазливо“. Новости се забележуваат кај предниот браник и решетката на ладилникот, како и кај задните светла, опремени со „LED“ технологија.

mb gle1

Верзиите „AMG“ ќе го покажат спортскиот дизајн, а главните карактеристики се агресивните браници, издувниот систем со четири цевки и 20-инчните тркала во титаниум сива боја.

Внатрешноста исто така во голема мера е пренесена од „M-Class“, но сега има нов мултифункционален волан и инфо-забавен систем. Достапен е и широк спектар на нови декоративни елементи и тапацир.

Палетата на мотори на „Mercedes-Benz GLE“ е исто така повеќе од богата.

mb gle2

Бензинските предлози се 3,0-литарски „V6“ мотор со би-турбо (333 КС и 480 Nm) и 4.7-литарски „V8“ со би-турбо, кој развива 435 КС и 700 Нм.

Понудата кај дизелите започнува со 4-цилиндарскиот мотор со зафатнина од 2,1 литри – 204 КС и 480 Нм, а пак најмоќниот дизел мотор е 3,0-литарски „V6“ со 258 КС и 620 Нм.

Верзиите на „AMG“ се опремени со 5,5-литарски „V8“ би-турбо мотор. Во верзијата „GLE 63 AMG“ тој располага со 557 КС и 700 Нм, па спринтот од место до 100 км/час го остварува за само 4,3 секунди.

mb gle3

Најмоќниот „GLE 63 AMG S“ има 585 КС и 760 Нм и забрзува до 100 км/час за 0,1 секунди побрзо.

Интересен предлог е хибридот со можност за полнење од електричната мрежа. Тој е наречен „GLE 500e 4MATIC“ и комбинира 3.0-литарски „V6 BlueDIRECT“ мотор, литиум-јонска батерија и 7-степен автоматски менувач „7G-TRONIC PLUS“, во кој е интегриран електромотор. Вкупната моќност на хибридниот мотор е 442 КС и 650 Нм. Само на електрична енергија моделот може да помине 30 километри, а во овој режим максималната брзина е 130 км/час. Просечната потрошувачка на гориво во хибриден режим е 3,3 л/100 км, покажуваат информациите од „Mercedes-Benz“.

Сите детали за моделот, вклучувајќи ги цените ќе станат познати во почетокот на април.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП