25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

 

Најнови вести од светот 11.03.2013

Атина – Грчкиот премиер Андонис Самарас вети дека во Грција, која е погодена од рецесија, повеќе нема да има мерки за штедење.  – Нема повеќе да има мерки за штедење. Штом ќе биде остварен стопанскиот раст, ќе почнат мерки за олеснување, порача премиерот. Меѓутоа, Самарас напомена дека грчката економија се уште не излегла „од интензивната нега и од болница“.

 

Атина – Директорот на грчката Агенција за приватизација, Такис Атанасопулос поднесе оставка, соопшти грчкото Министерство за финансии.  Причините за оставката не се посочени. Името на Атанасопулос фигурира меѓу имињата на повеќемина поранешни раководители на грчката Национална компанија за електрична енергија (ДЕИ), кои беа обвинети за злоупотреба на службената должност, поради тоа што овозможиле изградба на електроцентрала, што компанијата ја довело до загуба од околу сто милиони евра.

 

Белград – Вкупниот даночен дол на стопанството и граѓаните во Србија на крајот од 2012 година изнесувал околу 1.025 милијарди динари (девет милијарди евра), од кои 356,9 милијарди е главница и 667,9 милијарди се камати, изјави вршителот на должност директор на Даночната управа на Србија, Иван Симиќ. – Од тој износ ненаплативи се 573,6 милијарди динари долг, бидејќи должниците се избришани од регистерот или се во стечај, ликвидација, постапка за приватизација, а во некои случаи се работи и за фантомски фирми или перење пари, изјави Симиќ. Тој најави дека од април ќе започне принудна наплата и дека Даночната управа ќе објави список на најголеми даночни должници во Србија.

 

Мостар – Европската комисија заедно со властите на Хрватска и Босна и Херцеговина, работи на изнаоѓање решение за да се намалат негативните економски последици од влезот на Загреб во ЕУ врз БиХ, тврди Петер Стано, портпарол на европскиот комесар за проширување. – За да се олеснат можните негативни последици врз БиХ и нејзините граѓани, се работи на изнаоѓање начини за олеснување на протокот на луѓе и добра меѓу двете држави по влезот на Хрватска во ЕУ, изјави Стано.

 

Стокхолм – Турција ќе биде една од најсилните економии во Европа по десет години, а во 2050 година ќе биде најсилната европска економија, изјави турскиот претседател Абдула Ѓул, кој деновиве е тема на шведските медиуми, поради неговата претстојна посета на оваа земја. – Турција е една од најбрзо развивачките економии во светот, со што зазема важно место и в Европа. Освен тоа таа располага со потребното влијание да придонесе за решавање на конфликтите на Блискиот Исток, нагласуваат шведските медиуми, спроти посетата на Ѓул на Стокхолм.

 

Анкара – Турските бизнисмени во 2012 година реализирале проекти во вредност од 26,1 милијрда долари во различни земји од светот, јави Анадолија. Турските компании имаат за цел оваа година да работат на проекти вредни 30 милијарди долари. Минатата година тие прв пат инвестирале во Колумбија, Папуа-Нова Гвинеја и Сомалија, а оваа година се очекува турските инвеститори првпат да почнат проекти во повеќе африкански земји.

 

Њујорк – Меѓународната бонитетна агенција „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Италија за еден степен, од А- на БББ+, додавајќи дека прогнозата на рејтингот на оваа земја е негативна.  „Фич“ укажа и на неизвесните резултати од парламентарните избори во Италија, поради кои е малку веројатно дека во следните неколку недели ќе биде формирана стабилна нова влада. Агенцијата нагласува и дека рецесијата во Италија е една од најдлабоките во Европа, предупредувајќи дека политичката неизвесност и идните структурни реформи, кои се под знак прашање, претставуваат ризици кои и се закануваат на реалната економија.

 

Будимпешта – Унгарија остана во рецесија во последниот квартал од минатата година, што е четврто тромесечjе по ред со негативен економски раст, соопшти Заводот за статистика во Будимпешта. Во соопштението се наведува дека бруто домашниот производ во четвртиот квартал е намален за 0,9 отсто во однос на претходните три месеци. Со тоа продолжи трендот започнат во првиот минатогодишен квартал, каде економијата се намали за еден отсто во однос на последното тромесечие во 2011 година.

 

Париз – Според компанијата за трговија со луксузни имоти „Најт Франс“, 95.000 нови исклучително богати луѓе ќе бидат дел од тој затворен клуб. Тие веќе се причина за големото поскапување во некои региони на Азија, како Хонг Конг и Бали, објави францускиот весник „Еко“. Тоа е најзатворен список во светот. Во него не влегува кој ќе посака. Американски „Форбс“ пресмета дека во светот има 1.426 милијардери, со вкупно богатство од 5,4 билиони долари. Само освен класификацијата на милијардери има и друг список – исклучително богати, што го објавува „Најт Франс“, специјализирани во секторот на луксузни недвижни имоти. Лицата од нивниот список во просек располагаат со богатство од околу 30 милион долари.

 

Вашингтон – Бројот на невработени во САД минатиот месец е намален на 7,7 отсто, што е најниско ниво од декември 2008 година, соопшти американското Министерство за труд. Бројот на лицата кои се вработиле во февруари во САД е двојно зголемен во однос на претходниот месец и изнесува 236.000. На тримесечно ниво, заклучно со февруари, невработеноста е намалена за 5,4 отсто, кога просечно бројот на нововработените на месечно ниво се зголемил за 191.000 лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП