„Microsoft“ го задржува својот фокус на смартфоните од најниската класа. Софтверскиот гигант ја претстави новата „Lumia 430 Dual SIM“, која воедно е најевтината понуда на компанијата досега.
Телефонот ќе чини 70 долари пред даноците, а и покрај тоа ќе доаѓа со најновата верзија на „Windows Phone 8.1 – Denim“. Освен тоа ќе е компатибилен и со „Windows 10“,иако нема да ги нуди сите негови функции.
„Lumia 430 Dual SIM“ има 4-инчен екран со резолуција од 800х480 пиксели и 235 ppi. Процесорот е „dual-core“ на „Qualcomm – Snapdragon 200“, а работи на 1.2GHz. Оперативната меморија е 1GB, а на располагање има 8GB внатрешна меморија за складирање на датотеки, како и слот за „microSD“ картички со капацитет до 128 GB. Од „Microsoft“ велат дека ќе обезбеди и до 30GB слободен простор во „облак“ услугата „OneDrive“.
Вградената камера на смартфонот е 2 МР, а на предниот панел има „VGA“ камера за видео повик. Батеријата пак е со капацитет од 1500 mAh, а може да се менува од страна на корисникот.
Продажбата на смартфонот ќе започне во април, но прво во земји како Русија, Казахстан, Украина и Белорусија.