29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПознатите поп пејачи ја поддржаа кампањата Шанса за живот

Познатите поп пејачи ја поддржаа кампањата Шанса за живот

sansa

ОКТА заедно со Лозано, Ренната, Наталија и Виктор со песна повикуваат за донации во кампањата Шанса за живот

„Секој ден шанса за живот е” се вели во новата песна заеднички проект на ОКТА и Влатко Лозаноски, Ренната, Наталија Славева, Виктор Апостоловски и хорот на Златно славејче. Со песната тие ги повикуваат сите граѓани и компании да помогнат во собирањето средства за Интензивниот оддел на Клиниката за детски болести во Скопје, каде што се сместени предвремено родените и бебињата со компликации. Овој оддел има голема потреба од опремување, бидејќи во моментов има ограничени можности наспроти големиот број на новопримени случаи. Песната е уште една од активностите на кампањата „Шанса за живот“ чиј иницијатор е ОКТА, а целта е да се подобрат условите на ова одделение.

За младите артисти, ова е проект што треба да го поддржат што поголем број граѓани, со цел да се предизвика вистинска позитивна промена.

„Да се биде дел од ваков проект значи да се даде свој придонес за подобро утре на бебињата кои очекуваат наша помош во својата прва битка во животот”, вели Лозаноски. Ренната, автор на текстот, повикува на акција на секој оној што може да помогне: „Не треба да се направи многу, секој од нас треба да донира на телефонските броеви за донација и да направи разлика. Тоа е мал придонес од секој нас, но голем за децата кои чекаат на наша помош”. Славева првпат работи на ваков проект и смета дека „на овој начин, преку сопствен пример ќе се обидеме да ја разбудиме свеста за донации онаму каде се најпотребни“. „Јас ги повикувам сите без двоумење да се приклучат и да помогнеме каде што треба, да не биде доцна, бидејќи на ова одделение бебињата секојдневно се борат за живот”, изјави Виктор Апостоловски.

Пејачите ги повикуваат сите што повеќе да ја споделуваат песната за да може што повеќе луѓе да ја прифатат идејата и да се вклучат во кампањата за опремување на овој оддел во Детската клиника во Скопје.

Кампањата иницирана од ОКТА минатата година, продолжува и оваа година и понатаму со поддршка на компанијата.

„Токму на овој ден беше започната кампањата минатата година. Досега успеавме да набавиме нов инкубатор, нови аспиратори и перфусори и да сервисираме три постоечки инкубатори. И покрај овој значаен допринос одделот има потреба од уште голем број донации, бидејќи неговиот капацитет е сеуште ограничен. Поради тоа решивме заеднички со Клиниката за детски болести и оваа година да продолжиме со кампањата. Се надеваме дека ќе имаме уште поголем одѕив кај сите и дека ќе успееме да направиме уште повеќе”, изјави менаџерот за комуникации и општествена одговорност во ОКТА, Марија Ставрева.

И од Клиниката велат дека донациите се повеќе од потребни.

„Среќни сме што и оваа година продолжува кампањата, бидејќи очекуваме донациите да се зголемат и да се даде вистинска шанса на овие бебиња кои секојдневно се борат за својот живот. Минатата година успеавме делумно да го опремиме одделот, но верувајте потребни ни се уште поголем број донации, бидејќи од нив зависи нормалното функционирање на одделот”, изјави доктор Радица Муратовска од Детската клиника.

Остануваат исти и начините за донација, преку отворените телефонските броеви за донации 070/075/077 14 33 33, можноста со минимално донирање на 100 денари во обележаните кутии на бензинските пумпи на ОКТА со што граѓаните добиваат алка со логото на кампањата како нејзин поддржувач, преку набавка на гориво од бензинските пумпи на ОКТА од чија продажба се одвојува процент за кампањата, како и со донација на наменски отворената сметка на кампањата во Стопанска банка 200002709659393.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП