17 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИМенаџерите на Кемет електроникс одржаа предавање пред учениците од ССОУ „Илинден“

Менаџерите на Кемет електроникс одржаа предавање пред учениците од ССОУ „Илинден“

Untitled

Претставници на компанијата Кемет електроникс им одржаа предавање на учениците од средното стручно општинско училиште „Илинден“, во Општина Илинден.

Во присуство на градоначалникот Жика Стојановски, на учениците  им се обрати генералниот директор на Кемет во Македонија, Гуидо Галени. Тој ги запозна средношколците со историјатот и начинот на работа на компанијата која што произведува електронски производи наменети за светскиот пазар, а ги користат многу познати светски брендови.

Средношколците со внимание ги следеа излагањата, со оглед на тоа што во наредниот период претстои нивна посета на производствените капацитети на Кемет електроникс, каде што непосредно ќе се запознаат со производствениот процес и каде што по завршувањето на училиштето би можеле да се вработат.

Општина Илинден и компанијата Кемет електроникс потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието, со кој американската компанија  ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.

Меморандуми за соработка со кој се овозможува подигнување на нормите, вредностите и стандардите во образованието, како и подобрување на квалитетот и ефикасноста на стручното образование во средното стручно училиште „Илинден“, Општина Илинден досега потпиша со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс, Џонсон мети, Ван Хол и ОКТА.

„Соработката со бизнис секторот е дел од приоритетите на Општина Илинден во насока на намалување на невработеноста. Тоа беше и главна цел поради која се воведе средно образование кое што профилира кадри според потребите на локалната бизнис заедница, практика од поодамна позната во светот, која што кај нас за првпат се применува во Општина Илинден“, вели локалната власт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП