27 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПротивречни пораки за третиот пакет помош за Грција

Противречни пораки за третиот пакет помош за Грција

grcija-eu-dogovor

Земјите од еврозоната разговараат за третиот пакет надворешна финансиска помош за Грчка во износ од 30 до 50 милијарди евра, изјави во понеделникот шпанскиот министер за финансии, меѓутоа функционери на Европската унија велат дека такви разговори не се водат.

Зборувајќи во Памплона, во северна Шпанија, министерот за финансии Луис де Гуиндос изјави дека новиот план за странска финансиска помош ќе биде пофлексибилен кон Грција која нема поинаков избор, туку да се потпре на помошта од Европската унија.

Меѓутоа, портпаролката на Јероен Дијселблом, кој претседава со групата министри за финансии на земјите од еврозоната, изјави дека не се водат преговори за третата програма за помош на Грција. „Министрите за финансии од еврозоната не разговараат за третиот пакет помош“, изјави портпаролката Симон Боател.

Грчкиот левичарски премиер Алексис Ципрас го искористи телевизиското обраќање во петокот за да негира дека на неговата земја ќе ѝ биде потребна нова програма меѓународната финансиска помош. Грција, инаку, е соочена со акутниот проблем со финансирањето, и покрај четиримесечното продолжување на сегашниот пакет усогласен со еврозоната во февруари. Поради тоа Ципрас мораше да се откаже од клучните ветувања во предизборната кампања, во прв ред за укинување на непопуларните мерки за штедење.

Продолжувањето на програмата за помош го спречи колапсот на банкарскиот сектор, но Грција и натаму е соочена со падот на приходите и би можела да остане без готовина до крајот на март, а можеби и порано. Новата влада во Атина убедува дека во март ќе може да ги намири сите свои обврски, вклучително и отплатата на заемот од 1,5 милијарди евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Барањето Европската централна банка (ЕСБ) да купи за 1,9 милијарди евра грчки обврзници, нема да биде исполнето се’ додека Грција не ги спроведе ветените реформи. Атина, исто така, побара дозвола да издаде уште краткорочни трезорски записи, откако ја достигна границата од 15 милијарди евра кои ја поставија заемодавачите. Еврозоната јасно даде до знаење дека не сака поткревање на тоа ограничување.

Холандскиот министер за финансии Дијселблом понуди можен излез. Тој во интервју за The Financial Times изјави дека странските кредитори може овој месец да ѝ ги исплати на Грција дел од преостанатите 7,2 милијарди евра од актуелната програма, по услов Атина да започне да ги спроведе неопходните реформи. Германскиот министер финанси Волфганг Шојбле, пак, минатата седмица истакна дека Грција нема да добие никаква помош додека не ги исполни сите услови. Берлин, исто така, исклучи секаква можноста за отпишување на грчкиот долг.

Долгорочно гледано, европските функционери велат дека на Грција, којашто е неспособна за позајмување пари на меѓународните пазари неизбежно ќе ѝ биде неопходен трет пакет помош за да добие време да застане на своите нозе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП