Властите во Сингапур најавија во понеделникот дека ќе го зголемат данокот на доход за пет проценти од најбогатите граѓани за да ги финансираат се повисоките трошоци за социјалната заштита.
„Маргиналната даночна стапка на личните приходи за граѓаните кои годишно заработуваат повеќе од 320.000 сингапурски долари (256.000 американски долари) од наредната година ќе биде подигната на 22 проценти од актуелните 20 проценти“, изјави сингапурскиот министер за финансии Тарман Шанмугартнам.
Како што проценува агенцијата Франс прес, проценките се дека ова зголемување на данокот ќе ги зголеми актуелните буџетски приходи од 61,35 милијарди сингапурски долари за дополнителни 400 милиони.
Владата во Сингапур во 2007 година воведе еден вид на негативен данок на доход за граѓаните со ниски приходи, додека сингапурскиот министер за финансии вчера најави нов пакет помош за сиромашните граѓани во вредност од 350 милиони сингапурски долари годишно.
Набљудувачите тврдат дека ваквиот потег на владата има за цел да го смири се поголемото незадоволство меѓу граѓаните на Сингапур поради продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните.