Авиокомпаниите минатата година транспортираа рекордни 3.3 милијарди патници, околу 170 милиони повеќе отколку во 2013-та, извести Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).
„Побарувачката во патничкиот превоз беше добра во 2014-та. Со зголемување од 5.9 порценти превозниците ја надмината просечната стапка на раст во десетгодишниот период“, беше констатирано во соопштението објавено од генералниот секретар на „IATA“, Тони Тајлер.
Повеќе од половина од патничкиот превоз е во земјите во развој, вклучувајќи го азиско-пацифичкиот регион и Блискиот исток.
Најголем скок во бројот на патници во 2014-та забележаа блискоисточните превозници, за 13 отсто. Следат оние од азиско-пацифичкиот регион и Латинска Америка со зголемување на бројот на патници за 5.8 проценти.
Европските превозници забележаа 5.7 проценти поголем број на патници, што претставува значително зголемување во однос на 2013-та, кога забележаа раст од 3.8 посто.
Во Северна Америка побарувачката за услуги во овој вид на превоз порасна за 3.1 проценти, во однос на 2.3 отсто од една година претходно. Воедно овој регион забележа најголем коефициент на искористеност во светот од 81.7 проценти.
Вкупните превозни капацитети се зголемени во 2014-та за 5.6 проценти, додека зголемен е и коефициентот на искористенсот за 0.2 процентни поени во однос на 2013-та или на 79.7 отсто.
И покрај зголемениот број на патници кои за превозно средство го одбираат авионот, раководството на здружението предупредува дека во изминативе месеци поради ослабената бизнис доверба се заканува стагнација на меѓународната побарувачка за патувње.