На саемот во Женева, европската публика за прв пат ќе може да ја види новата генерација на „Outback“ и новиот модел – „Levorg“.
„Subaru Levorg“ се појави на јапонскиот пазар во 2014-та, а од 2015-та овој караван со спортски дизајн ќе биде достапен и за купувачите во Европа.
Името на автомобилот настана од комбинација на зборовите „Legacy“, „revolution“ и „touring“. „Subaru“ во неговиот развој ја вложи целата своја најнова технологија, со цел на најдобар начин да ги обедини добрите возни карактеристики, безбедноста и заштитата на околината.
Teхничките детали и спецификациите за погонските единици на европските верзии ќе бидат соопштени на женевскиот авто-саем, а во Јапонија овој модел се продава со 1.6-литарски турбо-бензински мотор со 170 ks и дволитарски со слична конфигурација кој произведува 300 ks.
„Subaru“ во Женева ќе пристигне и со новата генерација на моделот „Outback“. Димензиите на автомобилот се незначително зголемени во споредба со актуелната верзија, па новиот „Outback“ е подолг за 1.5 и поширок за 1.8 cm.
Една од причините зошто овој модел има репутација на употреблив и универзален автомобил, е неговото растојание од земја. Кај овој модел тоа изнесува 22 cm и поголемо е од многу „SUV“ возила, а купувачите ќе можат да одберат меѓу 17 и 18 инчни алуминиумски бандажи.
„Subaru“ соопшти дека безбедноста во возењето е подобрена благодарејќи на најновата технологија за активна и пасивна сигурност, меѓу кои е и „EyeSight“ системот за спречување или ублажување на последиците од евентуална незгода.
Податоците за агрегатите исто така не беа соопштени, а на северноамериканскиот пазар „Outback“ е достапен со два бензинци, четирицилиндарски 2.5-литарски мотор со 177 ks и 3.6-литарски шестцилиндарски агрегат кој произведува 260 ks, додека за во Европа се очекува и дизел верзија.
„Subaru“ на саемот во Женева ќе го претстави и „SUV Forester“ со дизел боксер мотор во комбинација со „Lineartronic“ (CVT) менувач.