
Последната една недела беше исклучително интензивна со најави на нови нискобуџетни паметни телефони.


Последната една недела беше исклучително интензивна со најави на нови нискобуџетни паметни телефони.

Првиот претставен модел беше од „Asus“, а станува збор за евтиниот „ZenFone C“. Моделот е со „dual-core“ процесор со фреквенција од 1.2 гигахерци од „Intel“, 1 GB RAM меморија и големина на екранот од 4.5 инчи со релативно ниска резолуција од 480 x 854 пиксели. Капацитетот на батеријата е 2100 mAh, а неговата задна камера е од 5 мегапиксли. Цената е 97 долари.

Малку подоцна беше презентиран и модел од еден од водечките кинески производители „Meizu“ – „М1“. За цена од 110 долари моделот обезбедува 13-мегапикселна задна и 5 мегапикселна предна камера, што е нетипично за моделите со ниска цена. Смартфонот е со 5-инчен екран со резолуција од 768 x 1280 пиксели. Тој е со технологијата „Corning Gorilla Glass 3“. Внатрешната меморија е 8GB, а таа може да се прошири со картичка до 128 GB, додека оперативната меморија е 1GB. Батеријата е со капацитет од 2500 mAh. Смартфонот се нуди во богата палета на бои.

Друг водечки кинески производител – „ZTE“, исто претстави евтин смартфон во лицето на моделот „Blade S6“. Тој е со можност за работа во мрежи од следната генерација и има 5-инчен дисплеј и процесор „Snapdragon 615“. Оперативната меморија е 2GB, а внатрешната 16 GB. Исто така, располага со 13 мегапикселна задна и 5 мегапикселна предна камера, но неговата цена е 250 долари, или далеку над споменатите до моментов модели.

Тајванскиот производител „HTC“ го претстави моделот „Desire 526 + G“, позициониран во средината на досега споменатите модели – 170 долари. Тој е со 4.7-инчен екран со резолуција 540 x 960 пиксели и осумјадрен процесор. Моделот е со 1 GB RAM меморија и 8 GB внатрешна меморија.

Нов евтин модел претставија и од „Samsung“. Моделот „Galaxy J1“ е со „dual-core“ процесор со фреквенција од 1.2GHz, 512 MB RAM и 4 GB внатрешна меморија. Тој е со дисплеј од 4.3 инчи. Се очекува неговата цена да биде околу 120 долари.