„Samsung“ го лансираше својот нов смартфон кој работи на оперативниот систем „Tizen“, со што се ограничува зависноста на јужнокорејскиот производител од софтверот на „Google“.
„Samsung Z1“, со технологија од третата генерација (3G) и екран со течни кристали, претставен е на индискиот пазар по цена од 78 евра.
На почетокот беше планирано телефонот да биде понуден на руските корисници во втората половина од 2014-та година, но „Samsung“ се одлучи прво да го оптимизира екосистемот на својата платформа чие лансирање беше неколку пати одложувано од 2012-та година.
„Samsung“ соработува со американски „Intel“ на развојот на „Tizen“. Тој е заснован на „Linux“, слободниот систем, што значи дека производителите можат да го прилагодат на својот интерфејс.
Овој потег е направен со цел да се намали зависноста на „Samsung“ од оперативниот систем на „Google“ – „Android“. „Samsung“ на почетокот на овој месец во Лас Вегас го претстави својот прв паметен телевизор кој функционира на „Tizen“.