Малиот производител на мобилни телефони „Saygus“ прв пат ги претстави своите производи на „CES“ во 2010-та година, но до денеска немаше значителен упсех. Нивниот нов телефон би можел тоа да го промени.
Кога станува збор за дизајнот, „Saygus V2“ на прв поглед не е нешто поразличен од останатите „Android“ уреди.
Предната страна на овој 5-инчен смартфон е прекриена со најновата генерација на „Gorilla Glass“, под која се наоѓа екран со резолуција од 1.920×1.080 пиксели. Во уредот се вградени двојни „Harman Kardon“ звучници, 13-мегапикселни предна камера и 21-мегапикселна главна камера со оптичка стабилизација.
Уредот е опремен и со сензор за читање на отпечатоци, а производителот се потруди да направи и различна антена за подобар прием во однос на конкуренцијата или барем така тврдат.
Остатокот од смартфонот го сочинуваат „Qualcomm Snapdragon 801“ чип со „Adreno 330“ графичка единица, поврзан со 3GB работна меморија. Иако не е најновиот модел (Snapdragon 810), далеку од тоа дека овој процесор ќе има проблеми со било какви задачи.
Една од нагласените карактеристики на уредот е можноста за сместување на две „microSD“ картички (секоја до 128GB), што со меморијата од 64GB во самиот уред, обезбедува доволно простор дури и за најголемите љубители на музика, фотографии и апликации.
Tука е и батеријата од 3.100mAh и „IPx7“ сертификатот (водоотпорност до 30 минути под еден метар вода).
Уредот го користи оперативниот систем „Android KitKat 4.4.4“, но производителот наведува дека во иднина ќе следи надоградба на „Lollipop“.
Засега цената не е позната, но се шпекулира дека ќе биде околу 100 долари пониска од постоечките уреди на познатите производители.