Кинески „Xiaomi“, производителот на некои од моментално најпродаваните модели на паметни телефони на светот, собра 1.1 милијарда долари од инвестициски фондови во најновиот циклус на финансирање, па така вредноста на компанијата е зголемена на 45 милијарди долари, а инвеститорите покажаа дека имаат доверба во оваа компанија која бележи брз раст.
Благодарејќи на ваквата проценка, „Xiaomi“ стана „startup“ компанија во технолошкиот сектор со најголема проценка на вредноста во светот. По четири години постоење, „Xiaomi“ ја престигна „Uber“, aпликацијата за повикување такси-служба, која е проценета на 40 милијарди долари. Оваа апликација во циклусот на финансирање завршен на почетокот на декември собра 1.2 милијарди долари.
Вредноста на „Xiaomi“ е скоро трипати поголема од вредноста на „Lenovо“, компанија која котира на берзата во Хонг Конг и моментално е најголем ривал за превземање на кинескиот пазар на паметни телефони.
Директорот на „Xiaomi“, Леи Џун истакна дека оваа проценка на вредноста означува прсвртница и почеток на нова фаза на развој во компанијата. Раководството на „Xiaomi“ претходно соопшти дека не планираат иницијална јавна понуда пред 2018-та година. Меѓутоа, вредноста на компанијата е четири пати поголема во однос на минатиот циклус на финансирање, завршено во август 2013-та година, кога беше проценета на 10 милијарди долари.
Новиот циклус на финансирања е во фаза на преговори од ноември, а меѓу инвесторите, меѓу останатите се наоѓаат, „All-Stars Investment“, „DST“, „GIC“, „Hopu Fund“ и „Yunfeng Capital“.
„Xiaomi“ најавува дека дел од вложувањата ќе ги искористи за проширување на изборот на забавни содржини кои се достапни за корисниците на нивните телефони. Минатиот месец беше објавен инвестицискиот договор со двата најголеми кинески сервиси за следење на видео-содржини преку интернет „Youku Tudou“ и „Iqiyi“, чии содржини ќе станат дел од „екосистемот“ на брендот „Xiaomi“. Вредноста на инвестицијата во „Youku Tudou“ не е позната за јавноста, додека „Iqiyi“ објави дека „Xiaomi“ вложи 300 милиони долари, но не и за колкав удел во компанијата.
„Xiaomi“ оваа година без проблем ќе ја достигне посакуваната продажба од 60 милиони телефони, а веќе е објавен и амбициозниот план за следната година, кога компанијата има намера да продаде 100 милиони телефони, како и да извезува во уште десетина нови земји.