Германската компанија „Костал“ е нова инвестиција која ќе се реализира во Македонија и ќе отвори 1000 работни места. Ќе се лоцира во охридскострушкиот регион, на почетокот како браунфилд инвестиција, а подоцна и со сопствен капацитет.
Ова денеска го објави компанијата на својата веб страница, а го сподели премиерот Никола Груевски на својот фејсбук профил.
„Она што го ветив пред јавноста на 25 март 2014 дека ќе има инвестиција во охридскострушкиот регион се официјализираше финално. Германската компанија „Костaл“ објави инвестиција и 1.000 нови работни места. 1000 нови вработувања за охриѓани и стружани. Вие знаете дека може да верувате на нашиот збор, дека се реалност и имаат корист за народот“, вели премиерот Груевски.
Премиерот додава дека по Гентерм и Капкон, Костaл е трета инвестиција во само седум дена и објава за 2.500 нови работни места за само една недела.
„Нашата борба, истакнува, за секое ново работно место продолжува“.
„Со задоволство ги објавуваме нашите планови да ги прошириме производствените капацитети и да инвестираме во Македонија“, наведуваат од „Костал“.
Извршниот потпретседател на компанијата Кристофер Сандерс вели дека плановите на „Костал“ за инвестирање во Охрид се во согласност со нивната стратегија за раст и нивна обврска да произведуваат производи со најдобар квалитет, технологија и цена.
Договорот за реализација на инвестицијата во Македонија ќе се финализира до крајот на јануари 2015 година. Се планира да влезе како браунфилд инвестиција на почетокот во 2015 година, а потоа ќе следи гринфилд инвестиција во период од 20172018 година. Локацијата е во регионот на Охрид и Струга. Првичната инвестиција ќе биде фокусирана на производство на механички производи и се планира да се отворат до 1.000 вработувања.
Се планира проширување во иднина со употеба на локална работна сила и капацитети. „Костал“ е семејна компанија и водечки светски снабдувач со напредни електронски технологии, електромеханички и мехатронички производи за големите индустриски капацитети. Присутна е на 38 локации во 17 земји во светот на четири континенти со над 15.000 вработени.