25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Александар, Филип и Владимир, сопственици на „Нутри-Груп“ – производители на...

Интервју со Александар, Филип и Владимир, сопственици на „Нутри-Груп“ – производители на првиот чипс од јаболко во Македонија

primo-nutri-grup-naslov

1. Нутри –Груп оваа година започна со производство на првиот чипс од јаболка во Македонија. Што беше пресудно да се одлучите да се занимавате со овој бизнис?

Македонија е земја во која јаболкото е застапено во изобилство и неговите потенцијали воопшто не се искористени како суровина за понатамошно добивање на готови продукти во кондиторската индустрија. Приказната ЧИПС ОД ЈАБОЛКА веќе подолго време е присутна во светот, дури и на екс ЈУ просторите, но за жал кај нас никој до сега немаше направено обид  да реализира едно вакво производство, иако Македонија во рамките на бившата заедничка република секогаш доминирала со производството на јаболка, далеку пред останатите републики.

2. На пазарот сте помалку од една година. Како јавноста го прифати новиот производ?

Во секој случај овде не се работи само за нов производ, туку се работи и за сосема нова продукт категорија, па оттаму предизвиците се доста големи. 99% од луѓето кај нас воопшто се немаат сретнато со ваков производ во животот, затоа наша задача не е само да се фокусираме на продажбата, туку овде се наметнува и едукацијата на потрошувачот како составен дел од целокупната стратегија за настап и пробивање на домашниот пазар. Во секој случај има позитивен тренд, критиките во суштина се многу позитивни, па тоа и не охрабрува.

nutri-grup-1

3. Која е стратегијата на компанијата за успешност и конкурентност на пазарот?

Стратегијата ја градиме со тоа што имаме за цел да им понудиме нешто ново на потрошувачите кое го нема на пазарот, стандарден квалитет и прифатлива цена за нашите производи.

4. Каков е процесот на производство? Колку време е потребно да се изработи едно пакетче чипс од јаболко?

Процесот на производство е дисконтинуиран. Тоа значи дека во суштина се работи за полуавтоматско производство, каде човечкиот фактор игра битна улога во самиот процес на производство, а со тоа и влијае на квалитетот на финалниот производ. Освен тоа постојат и други предизвици за да се добие едно пакетче квалитетно дехидрирано крцкаво јаболко, бидејќи продуктот е мошне деликатен за работа. Со самото тоа што продуктот е високо хигроскопен (брзо апсорбира влага), производството и пред се пакувањето претставуваат дополнителен предизвик за било кој произведувач на ваков тип продукт.

5. Дали јаболките ги задржуваат сите здрави состојки при процесот на производство?

Да, јаболкото ги задржува сите здрави состојки во производството. Тоа се должи на фактот што во процесот на производство јаболкото е изложено на температури кои се далеку под оние температури кои во суштина би го промениле хемискиот состав на корисните материи, пред се витамините, органските киселини, пектините и растителните влакна. Во принцип добиваме продукт кој само е дехидриран, во кој концентрацијата на сите овие погоре наведени состојки само е зголемена, а како дополнително својство имаме и крцкава текстура на вкусот.

nutri-grup-2

6. Кој е вашиот таргет? За кого е наменет чипсот од јаболко?

ПРИМО е една уникатна енергетска ужинка за секого. Од досегашните искуства на пазарот гледаме дека потрошувачите ни се од најразличен профил. Сепак Македонската жена е двигател на потрошувачката кај нас.

7. Каде се пласираат Вашите производи, дали имате планови за освојување и на странските пазари?

Во моментов сме присутни на Македонскиот пазар каде што имаме за цел што повеќе да им го доближиме ПРИМО на нашите потрошувачи. Наскоро ќе се претставиме и на пазарот во Австралија, но се надеваме дека во блиска иднина ќе може да се пофалиме дека сме присутни на некои од Западноевропските пазари.

nutri-grup-3

8. Дали постои план за проширување на палетата на производи?

Секако, план за проширување на палетата на производи постои и тој ќе се реализира во текот на 2015-та година.

9. Која е Вашата визија за понатамошниот развој на Нутри- Груп?

Неколку нови вкусови на ПРИМО, како и лансирање на детско пакување ни претставуваат нов предизвик во моментов. Не потценувајки го домашниот пазар сепак, нашата визија како и развој на фирмата ја гледаме со претставување на Западноевропските пазари.

nutri-grup-4

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП