Државниот и приватниот сектор во Грција денеска се целосно парализирани поради 24часовниот штрајк, свикан од двата владини синдикати во земјата под паролата „Реагираме на секоја мерка од кредитниот договор, што го потценува нашиот живот“.
Целосно е блокиран транспортот и услугите во земјата. Нема да се движат возовите, автобусите и авионите.
Училиштата исто така се затворени. Државните болници ќе примаат само итни случаи. Во протестот ќе се вклучат и лекари и адвокати, а исто така тој ќе биде поддржан и од трговци и претприемачи.
Синдикатот ПАМЕ, близок до Комунистичката партија, за денеска планира протестен митинг во центарот на Атина.
Грчките државни телевизии и радио станици вчера не емитуваа вести поради 24часовниот штрајк на сите средства за масовни медиуми против политиките на Владата. Новинарските синдикати вообичаено го одржуваат штрајкот еден ден порано, за да може репортерите да известуваат за генералниот штрајк.
Грција зависи од милијарди евра во меѓународните спасувачки планови од 2010 година. Во замена за тоа неколку влади по ред требаше да наложат големи кастрења на расходите и зголемување на даноците во обид да се реформира економијата.