„Microsoft“ започнува со постепено ребрендирање на својата палета на мобилни телефони и ќе престане да го користи брендот „Nokia“. Прво тоа ќе се случи во Франција, каде гамата ќе биде преименувана во „Microsoft Lumia“, соопшти самата компанија.
Во наредните недели ребрендирање ќе се шири и кон другите земји. Компанијата ги потврди овие намери пред онлајн изданието „The Verge“.
Промената е природна последица на договорот помеѓу „Microsoft“ и „Nokia“, кога софтверскиот гигант го стекна бизнисот со мобилни уреди на финската компанија. Според нивниот договор „Microsoft“ има право да го користи брендот на „Nokia“ до крајот на оваа година. За сега не е познато кога и самите уреди ќе се простат со името „Nokia“ и ќе го заменат со логото на „Microsoft“. Во септември се појави информација дека „Lumia 830“ ќе е последната која ќе го користи името на финската компанија. Дали тоа ќе е така, засега нема потврда од софтверскиот гигант.
Истовремено името „Lumia“ ќе се задржи. Според некои шпекулации тоа дури може да се претвори во главниот бренд за хардвер од „Microsoft“ и да ја замени серијата „Surface“ поради популарноста на „Lumia“ во Европа и Азија. Компанијата сепак не потврди слични намери.