„Viber“, популарната мултиплатформска апликација за испраќање на моментални пораки и извршување на гласовни повици, со помош на интернет врска, ја доби новата петта верзија.
Дополнителна можност во неа е извршувањето на видео повици по пат на верзиите на апликации за „iOS“ и „Android“ уредите.
Пред да стане дел од официјалната апликација, опцијата за извршување на видео повици по пат на мобилните уреди беше во фаза на тестирање цели две години, а од претходно е имплементирана во десктоп верзијата на „Viber“.
Покрај видео повиците, новина е воведување на „QR“ кодови со кои ќе може да се делат контакт податоците со други корисници. Контактите покрај запишувањето на „Viber“ бројот ќе може да се додат на листата и со скенирање на нивниот „QR“ код.
„Viber“ до крајот на годината најави уште три надоградби на своите апликации, а се очекува меѓу останатото да бидат воведени и игри. На почетокот на годината јапонската компанија „Rakuten“ го превзема „Viber“, а притоа плати 900 милиони долари.