Македонската фудбалска репрезентација синоќа загуби од Шпанија со 5:1 на стартот од квалификациите за ЕУРО 2016.
По дуелот покрај честитките за европскиот првак и нивната победа селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски истакна дека Шпанија беше супериорна.
– Во второто полувреме ја сменивме тактиката и мислам дека игравме подобро. Нас ни останува да го заборавиме овој натпревар со Шпанија и да се концентрираме на следниот дуел со Луксембург. Шпанија сигурно ќе биде прва во групата, рече Ѓуровски.
Со слично размислување е и капитенот во нашиот табор голманот Томе Пачовски, кој иако прими пет гола беше еден од најдобрите во нашата репрезентација.
– Игравме против Шпанија една од најдобрите селекции во светот. Ја загубивме концентрацијата при пеналот и при третиот гол. Но, сега ни следуваат натпреварите со Луксембург и со Украина каде ќе се обидеме да освоиме бодови, изјави Пачовски.
Натпреварот со Луксембург се игра на 9 октомври во Скопје, додека со Укрина играме на гости на 12 октомври.