Минатата недела Мурсија беше исфрлена од втората во третата лига поради тоа што има долг од 12 милиони евра, па поради тоа не доби лиценца за натпреварување. Меѓутоа, овој долг е ништо во споредба со најголемите должници во Европа, а на врвот се главно се оние најбогати клубови чија вредност и тоа како ја надминуваат цифрата која мораат да ја исплатат на други.
Па така на врвот на должници е Манчестер Јунајтед кој треба да врати 569 милиони долари. „Црвените ѓаволи“ во 2005-та година ги превзема семејството Глејзер и тоа во момент кога долгот беше скоро четири пати помал. Американците сепак имаат доволно пари, па ова лето потрошија 160 милиони евра на засилувања. Ако се прашувате како е можно клубот и натаму без проблеми да игра во најсилната лига, одговорот е едноставен. Моменталната вредност на клубот е проценета на 2.8 милијарди долари или пет пати поголема од големината на долгот.
Второто место исто така го држи Премиерлигаш. Арсенал моментално должи 384 милиони долари, но проблем за екипата од „Емирати“ претставува фактот дека тие се најголеми должници ако се земе во предвид вредноста и долгот на клубот. Со оглед дека нивната вредност е проценета на 1.3 милијарди долари, доаѓаме до заклучок дека Арсенал должи 29 проценти од својата вредност. Според истражувањето, најголем виновник за ваквиот долг е изградбата на стадионот „Емирати“ во 2006-та година, за кој се одвоени околу 720 милиони долари.
Помалку неочекувано, на третото место е шпанска Валенсија со 374 милиони долари долг. „Лилјаците“ до пред десет години беа доминантни, два пати беа шампиони на Шпанија (2002-ра, 2004-та), два пати играа финале во Лигата на шампионите (2000-та, 2001-ва), но оттогаш се во големи проблеми. Не им помогна ниту тоа што ги продаваа најдобрите играчи. Поради дубиозата мораа да ја стопираат и изградбата на новиот стадион.
Четвртото место моментално го држи екипата на Болтон. Голем удар за овој клуб преставуваше испаѓањето од Премиерлигата во сезоната 2011/12. Зa само една година загубија 83 милиони долари. Големите плати на играчите, значителното намалување на приходите од ТВ правата, намалените спонзорски договори го сторија своето и долгот порасна на 267 милиони долари.
Најголемите шпански клубови Реал и Барселона и на оваа листа водат битка. Реал е должен 165 милиони, а пак Барселона 156, меѓутоа тие немаат никаква грижа затоа што вредноста на Реал е проценента на 3.4 милијарди долари, а на Барселона на 3.2 милијарди.
На табелата според долговите следат Квинс Парк Ренџерс, Ливерупл, Јувентус, а десетото место го држи Борусија Дортмунд со 82 милиони долари долг.
Пример за добро работење е минхенски Баерн кој е на четвртото место на највердните клубови со 1.33 милијарди долари, а има значително мали долгови.
Најголемите должници (во долари):
Mанчестер Јунајтед – 569.000.000
Aрсенал – 384.000.000
Валенсија – 374.000.000
Болтон – 267.000.000
Реал Мадрид – 165.000.000
Барселона – 156.000.000
КПР – 145.000.000
Ливерпул – 110.000.000
Јувентус – 83.000.000
Борусија (Д) – 82.000.000