Речиси една третина од половните автомобили продадени во Германија се поврзани со измама на бескрупулозните трговци кои манипулираат со километражата и ги мамат купувачите на кои им наплаќаат поголеми износи поради помалата километража, објави германскиот автоклуб „ADAC“.
Купувачите на автомобили честопати се жртви на измами со километражите, што тешко се открива особено ако се манипулирани и документите на возилото, предупредува „ADAC“.
Според информациите на клубот, особено погодни за манипулација се автомобилите кои се произведени по 2000-та година, кога механичките бројачи за изминатата километража се заменети со дигитални.
Направите за рестартирање на бројачите за поминати километри можат да се купат за помалку од 10.000 евра, а бројачот може да се манипулира во рок до 30 секунди, тврди „ADAC“. Во меѓувреме, на пазарот можат да се купат и евтини уреди од Кина.
Во Минхен моментално трае судење на трговци со автомобили кои се обвинети дека манипулирале со бројачите за поминати километри на десетици луксузни италијански автомобили. Според обвинението, трговеците евтино ги купувале возилата, манипулирале со нив и потоа ги продавале по повисока цена.
Во Германија годишно се продаваат милиони користени автомобили, а познатиот случај е откриен во 2011-та во Минхен, кога трговецот на еден автомобил ја намалил километражата од 700.000 нa 150.000 километри.
Германскиот закон пропишува дека трговецот мора да го земе назад возилото и да ги врати парите на купувачот, ако тој докаже дека возилото е манипулирано.
„ADAC“ ги советува купувачите добро да го прегледаат возилото пред да го купат, особено ако им се чини дека километражата не е во склад со општата состојба на автомобилот.