Британскиот гигант во мобилната телефонија „Vodafonе“ има во план да ја купи италијанската компанија „Cobra automotive technologies“ зa 145 милиони евра.
Од „Vodafonе“ наведоа дека за италијанската групација ќе понудат 1.49 евра по акција во готовина, пренесуваат светските агенции.
„Cobra automotive technologies“, со чии акции се тргува на миланската берза, им нуди на производителите, продавачите и купувачите на автомобили низа производи и услуги, вклучувајќи бежичен пренос на податоци, осигурување и сателитско следење на возилата.
Оваа компанија работи во Бразил, Британија, Кина, Франција, Германија, Италија, Јужна Кореја, Шпанија и Швајцарија.
Се уште не е познато кои се намерите на „Vodafonе“ со купувањето на оваа компанија и за што ќе ја употребат оваа аквизиција во своето работење.