Доколку поседувате „iPhone 3GS“, „4“ или „4S“, произведени меѓу септември 2009-та и октомври 2012-та година, тогаш „USB“ полначот за вашиот телефон можете бесплатно да го замените за нов. Причината за тоа е што тие полначи при користење можат да се прегреат и претставуваат ризик за безбедноста. „Apple“ за таа цел започна програма за замена на полначите во 37 земји, кои користат европски приклучоци.
Покрај тоа, доколку имате „Apple USB“ полнач од 5W кој е прикажан доле лево на сликата, ознака на моделот „1300“ и букви „CE“ испишани со сива боја, од компанијата препорачуваат веднаш да ги замените за нови, прикажан на сликата десно.
Се што треба е да се упатите до најблискиот овластен „Apple“ сервис, да го понесете таквиот полнач, но и вашиот „iPhone“ со цел вработените да можат да го идентификуваат по серискиот број.
Од 18-ти јуни 2014-та во програмата ќе бидат опфатени и партнерските оператори, па замената ќе може да се изврши и во просториите на операторите, порачуваат од „Apple“.
Доколку вашиот уред сте го сервисирале поради овој проблем и таа поправка сте ја платиле, „Apple“ ќе ви понуди враќање на парите.