За графенот веќе подолго време се зборува дека ќе направи револуција во светот на електрониката. Меѓутоа, со него се поврзани бројни проблеми со производството, за кое најверојатно „Samsung“ пронајде решение.
Компанијата објави дека графенот е подобар од силициумот кога станува збор за спроводливоста на електронот, а покрај тоа поиздржлив е од челикот и е пофлексибилен. Технолошкиот институт на „Samsung“ – „SAIT“ (Samsung Advanced Institute of Technology) во партнерство со „Sungkyunkwan“, први ја развиле оваа нова метода на синтеза.
„Станува збор за едно од најзначајните откритија во истражувањето на графенот досега. Очекуваме дека ова откритие ќе ја забрза комерцијализацијата на графенот, што за возврат ќе доведе до нова ера во потрошувачката електронска технологија“, рекоа раководителите на лабораторијата „SAIT“.
Истражувачите успешно го решиле најголемиот проблем за масовно производство, изработка на кристални подметувачи од графен со голема површина, без загуба на електричните и механичките својства на тој материјал, како што беше случај во претходните истражувања.
Останува да се види дали графенот во скоро време ќе го замени силициумот, но првите чекори конечно се постигнати. Во тој случај, „Samsung“ би можел да оствари неверојатни приходи лиценцирајќи ја развиената технологија на другите.