Две „SIM“ картички на еден телефон повеќе не е необично, но стартување на апликации од два различни екосистеми на ист уред се и натаму пуста желба за обичните корисници. Сепак, 2014-та година би можела да биде онаа во која конечно ќе можеме во едно пакување да ставиме во џеб два оперативни системи.
По приказната за телефонот „Revolution“ на компанијата „Geeksphone“, кој во иднина би можел да работи и на „Android“ и „Firefox OS“, сега се појави најава дека индиската компанија „Karbonn Mobile“ на пазарот ќе пласира телефон со комбинација „Windows Phone/Android“ и тоа веќе во јуни.
Како што пишуваат индиските медиуми, потпишан е договор со „Microsoft“, кој по купувањето на „Nokiа“ очигледно одлучи да ја промени стратегијата и да биде „отворена“ арена за паметните телефони.
„Потпишавме договор и ќе ја претставиме првата линија „Windows Phone“ уреди за три месеци“, вели првиот човек на „Karbonn“, Судхир Наси.
Како што е објаснето, првите „dual-boot“ уреди се наменети за „професионалци и напредни корисници“.
Потсетуваме, неодамна се појавија инсајдерски информации дека се размислува за тоа „Windows Phone“ системот да се отвори за „Android“ апликации.