2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПрв бод за Македонија на ракометниот евро-шампионат

Прв бод за Македонија на ракометниот евро-шампионат

post

Македонската ракометна репрезентација вечерва одигра нерешено 24:24 против селекцијата на Чешка во 2.коло од А групата на Европското првенство во Данска.

Бодот освоен од овој дуел во зависнот од резултатите на другите натпревари може да биде и доволен за пласман во следниот круг.

Избраниците на селекторот Ивица Обрван одиграа тежок и исцрпувачки натпревар со многу дуели против корпулентните противнички играчи.

По само 12 минути игра имаа постигнато двојно повеќе голови од противникот и поведоа со 6:3. Тогаш следуваше најслабиот период во првиот дел за македонските ракометари.

Чесите со серија од 4:0 го преземаа водството и го задржаа до крајот на полувремето кое заврши со 11:10 во нивна полза.

Со двата гола на Лазаров Македонија го врати водството на почетокот на второто полувреме.

Следуваше изедначување, но нашиот капитен продолжуваше да ја тресе противничката мрежа. Тој ги постигна првите шест голови за „црвено-жолтите“ во продолжението, а погодокот на Дејан Манасков во 42.минута значеше повторно три позитива (17:14).

Чешка не се предавеше и исто како и во првиот дел со серија од 3:0 резултатски се врати во игра. Во последните 15 минути двете репрезентации се менуваа во водството, а на крајот имаа и по еден напад за победа.

Миркуловски не успеа да погоди на 10 секунди пред крајот, а Јиха биеше крај голот во последниот обид за победа.

Во однос на натпреварот со Данска, македонските ракометари значително ги намалија техничките грешки и вечерва направија само 6, но голманот Ристовски немаше своја вечер (5 одбрани), додека процентот на реализација беше многу низок посебно во првите 30 минути.

Во македонскиот состав, а воедно и на натпреварот убедливо прв на листата на стрелците беше Лазаров со 12 постигнати голови, но сепак не доволни за целосен успех.

Кај Чесите најпрецизен беше Павел Хорак со 8 погодоци.

Вечерва од 20 часот и 30 минути во вториот натпревар од 2.коло во оваа група играат Данска
и Австрија.

Табела: Австрија 2, Данска 2, Македонија 1, Чешка 1.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП