Ново безбедносно ажурирање за „Windows 11“ предизвикува сериозни проблеми кај дел од корисниците, вклучително и паѓање на игри, проблеми при најавување, грешки при прикажување на екранот, па дури и целосно рушење на системот.
Според порталот „Windows Latest“, проблемите се појавиле по инсталирањето на ажурирањето „KB5121003“, кое беше објавено на 11-ти август како задолжително безбедносно ажурирање за „Windows 11“.
Ажурирањето беше едно од главните безбедносни изданија за август и требаше да поправи повеќе од 400 безбедносни пропусти во оперативниот систем. Сепак, се чини дека истовремено донело и нови проблеми.
Најмногу се жалат гејмерите
Проблемот особено се забележува кај гејмерската заедница. По инсталирањето на ажурирањето, значително се зголемил бројот на пријави за неочекувано рушење на игрите.
Меѓу најпогодените наслови се „ARC Raiders“ и „The Finals“, двете игри на студиото „Embark Games“.
Според досегашните информации, ажурирањето најверојатно предизвикува проблем со компатибилноста со конкретен драјвер, што може да доведе до рушење на играта.
Од „Embark“ веќе работат на решение за проблемот, но засега нема прецизен рок кога корекцијата ќе биде достапна.
Постојат привремени решенија, но имаат ризик
Во меѓувреме, од компанијата им советуваат на корисниците да го отворат „Windows Command Prompt“ и да го оневозможат проблематичниот драјвер.
Како друга можност, корисниците можат целосно да го отстранат ажурирањето преку историјата на инсталирани ажурирања, односно „Update History“.
Сепак, ова решение носи сериозен ризик бидејќи со отстранувањето на „KB5121003“ повторно се изложува компјутерот на стотиците безбедносни пропусти што требаше да бидат поправени со ажурирањето.
Затоа, отстранувањето на безбедносната закрпа не е идеално трајно решение, особено за корисници кои на компјутерот чуваат чувствителни податоци или го користат за работа и онлајн активности.
„Microsoft“ ја истражува ситуацијата
„Microsoft“ е запознаен со проблемот и започна истрага, но компанијата засега нема објавено конкретен план за трајно решение.
Од компанијата ги повикуваат корисниците кои ќе се соочат со проблеми по инсталирањето на ажурирањето да ги пријават преку апликацијата „Feedback Hub“.
Додека се очекува официјална корекција, корисниците на „Windows 11“ треба да бидат внимателни со отстранувањето на безбедносното ажурирање, бидејќи изборот меѓу стабилноста на игрите и безбедноста на системот во моментов може да значи компромис.



