ПочетнаКОМПАНИИ„Siemens“ по втор пат годинава ја зголеми прогнозата за добивката

„Siemens“ по втор пат годинава ја зголеми прогнозата за добивката

„Siemens“ по втор пат годинава ја зголеми прогнозата за добивката, поттикната од зголемените инвестиции во центрите за податоци и повисоката профитабилност од продажбата на индустриски софтвер, објавува „Bloomberg“.

Германскиот индустриски гигант сега очекува добивката по акција да достигне 11,50 евра, во споредба со претходно проектираните 11,10 евра.

„Siemens“ забележал раст на приходите во сите свои деловни единици во третото фискално тримесечје, додека слободниот паричен тек на групацијата се зголемил за 42 проценти.

Профитабилноста во одделот „Digital Industries“, кој произведува опрема за фабричка автоматизација и индустриски софтвер, пораснала за 44 проценти, благодарение на растот на пазарите во Кина и САД.

Одделот „Smart Infrastructure“, пак, продолжил да има корист од високата побарувачка за опрема за електрична дистрибуција и системи за ладење, кои се неопходни за функционирањето на центрите за податоци.

Центрите за податоци стануваат важен извор на раст

„Siemens“ произведува широк спектар производи, од возови до индустриски софтвер, а во последниот период дополнително ги проширува решенијата за автоматизација и вештачка интелигенција.

Најновите резултати покажуваат дека закрепнувањето на индустриската автоматизација продолжува, додека инвестициите во софтверот, вештачката интелигенција и центрите за податоци остануваат меѓу главните двигатели на растот.

Нарачките поврзани со центрите за податоци се зголемиле тројно според вредноста, достигнувајќи околу 6 милијарди евра во првите девет месеци од фискалната година.

Поради тоа, „Siemens“ ја зголеми и годишната прогноза за растот на приходите на одделот „Smart Infrastructure“ на 11 проценти, од претходно очекуваните 10 проценти.

„Најважно е да се обезбеди побарувачката во толку брзо растечки бизнис“, изјави извршниот директор на „Siemens“, Роланд Буш, за „Bloomberg“.

Компанијата инвестира 300 милиони евра во проширување на производството на опрема за електрична дистрибуција во објект во близина на Франкфурт, со цел да одговори на зголемената побарувачка од центрите за податоци.

Растот на побарувачката го чувствува целиот сектор

Зголемените инвестиции во центрите за податоци имаат позитивно влијание врз целиот индустриски сектор.

Конкурентот на „Siemens“, „Schneider Electric SE“, минатата недела ја зголеми својата прогноза откако пријави троцифрен раст на побарувачката поврзана со центрите за податоци.

Од повисоките инвестиции имаат корист и „ABB Ltd“ и „Siemens Energy AG“.

Подобрите резултати на „Digital Industries“ доаѓаат по неколку квартали во кои слабата индустриска побарувачка, преминувањето кон модел на претплата за софтвер и интеграцијата на компаниите „Altair“ и „Dotmatics“ создаваа притисок врз работењето на одделот.

Во текот на периодот, одделот пријавил 35 милиони евра трошоци поврзани со интеграцијата.

Помалку нарачки за возови

Одделот „Mobility“, кој произведува возови и системи за железничка сигнализација, забележал пад на нарачките од 4 проценти.

И покрај тоа, приходите на одделот се зголемиле за 6 проценти.

Во меѓувреме, „Siemens“ продолжува да се повлекува од својот удел во поранешната единица за медицинска технологија „Siemens Healthineers AG“.

Компанијата соопшти дека веќе добила обврзувачка регулаторна одлука со која се овозможува акционерите да гласаат за трансакцијата на годишното собрание закажано за февруари следната година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП