Интернет трговијата во Македонија со двоцифрен раст, онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година. Домашната е-трговија продолжува да расте, 156 милиони евра се потрошени кај македонските е-продавници во првиот квартал од 2026.
Според најновите податоци на Народната банка за трансакции на места на продажба за е-трговија, во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 265 милиони евра, што претставува раст од 18% во однос на истиот период минатата година. Податоците велат дека во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци.
Податоците од извештајот вели дека домашните иматели на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 140.12 милиони евра, што е 15% повеќе во однос на истиот период лани, додека странските иматели на платежни картички реализирале онлајн трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 16.2 милиони евра, што претставува раст од 32.5%. Овој тренд покажува дека домашните е-продавници сè повеќе успеваат да привлечат и купувачи од странство.
Од друга страна, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 109.71 милиони евра, што претставува раст од 20.3% во однос на истиот период минатата година.
Покрај растот на вредноста, продолжува да расте и бројот на онлајн купувања. Во првиот квартал од 2026 година биле реализирани 7 662 илјади онлајн трансакции, што претставува раст од 16% во однос на истиот период минатата година. Притоа, кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3 966 и е за 17.5% повеќе во однос на истиот период лани.
Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 44.4% е забележан од странски иматели на платежни картички кон домашни е-трговци, што дополнително го потврдува зголемениот интерес на странските купувачи за македонските онлајн продавници. Во меѓувреме, домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци реализирале 3 270 трансакции, што претставува раст од 12.2%.
„Податоците за првиот квартал од 2026 година потврдуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува стабилно да расте. Двоцифрениот раст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакции покажува дека дигиталното купување станува сѐ повообичаен избор за потрошувачите. Особено охрабрува фактот што расте купувањето кај домашните е-трговци, како од домашните, така и од странските купувачи. Растот од над 32% во вредност и над 44% во број на трансакции од странски картички кон домашни е-трговци е показател дека македонските компании стануваат поконкурентни и надвор од домашниот пазар. Во исто време, анализата покажува дека просечната вредност на трансакциите кај домашните е-продавници благо се намалува, што укажува дека потрошувачите купуваат почесто. Тоа е позитивен сигнал дека онлајн купувањето станува дел од секојдневните навики, а не само канал за повремени или поголеми набавки. Дополнително, позитивен сигнал е што во текот на првото тромесечје се регистрирани 59 новоотворени онлајн продажни места. Тоа покажува дека сѐ повеќе компании ја препознаваат е-трговијата како можност за раст и инвестираат во сопствено дигитално присуство, со што се збогатува понудата за домашните потрошувачи и се создаваат подобри услови за понатамошен развој на секторот. Овие резултати се дополнителен поттик да продолжиме да работиме на подобрување на условите за е-трговија, зголемување на довербата во дигиталните плаќања, поддршка на домашните компании и создавање поконкурентен дигитален пазар”,- вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.
Иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува. Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се намалила од 36 на 35.3 евра односно за 2.2%. Овој тренд е во согласност со фактот дека бројот на трансакции кој бележи раст од 17.5% расте побрзо од нивната вкупна вредност која бележи раст од 15%, што укажува дека македонските потрошувачи трошат помалку по трансакција кај домашните продавници.
Кај странските картички кон домашните е-трговци, просечната вредност се намалила од 41.3 на 37.9 евра што представува намалување од 8.2%, што исто така укажува дека странските купувачи реализираат повеќе поединечни купувања. Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност пораснала од 31.3 на 33.6 евра, што претставува пораст од 7.3%.
Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34.7 евра, што претставува раст од 1.5% во однос на истиот период минатата година.
И.П



