„Hisense“ официјално го претстави „A10“, новата генерација на својот „e-ink“ телефон, откривајќи го изгледот на уредот и дел од неговите клучни спецификации. Станува збор за телефон наменет за корисници на кои читањето им е поважно од класичното мултимедијално искуство, но овојпат со интересен додаток на задната страна.
Од предната страна, „Hisense A10“ располага со 6,13-инчен „e-ink“ екран, дизајниран да овозможи приказ сличен на хартија. Ваквиот екран е попогоден за подолго читање електронски книги, правење белешки, учење и работа со текст, особено за корисници на кои класичните LCD или OLED-екрани брзо им ги заморуваат очите.
Технологијата „e-ink“ троши многу малку енергија, особено при статичен приказ на текст, па затоа „Hisense A10“ е јасно насочен кон љубителите на читањето, студентите, лицата кои се подготвуваат за испити и сите на кои им е важна удобноста при подолго гледање во екранот.
„Hisense A10“ комбинира „e-ink“ екран, „Android 16“ и дополнителен магнетен LCD-екран
Најинтересниот детал се наоѓа на задната страна од телефонот. „Hisense A10“ поддржува отстранлив магнетен LCD-екран во боја, кој се прицврстува на задниот дел од уредот.
Овој дополнителен екран може да се користи за прикажување фотографии, текст, стрипови во боја, графикони, како и секојдневни мултимедијални содржини и објави од социјалните мрежи.
Со ова решение „Hisense“ се обидува да ги спои две различни потреби. „E-ink “екранот останува главен избор за читање и работа со текст, додека LCD-екранот во боја овозможува прикажување содржини за кои црно-белиот „e-ink“ не е доволно практичен. Така, корисникот може лесно да го менува начинот на користење во зависност од ситуацијата.
Моќен хардвер и „Android 16“
Во поглед на хардверот, „Hisense A10“ користи осумјадрен Qualcomm процесор изработен во 4-нанометарска технологија. Телефонот доаѓа со оперативниот систем Android 16, поддржува 5G-мрежи и Wi-Fi 6, што го прави значително помодерен уред во споредба со претходните „e-ink“ телефони.
Од компанијата наведуваат дека „A10“ првенствено е наменет за интензивни читатели, студенти, лица со суви или чувствителни очи, како и за корисници на кои им е потребна лесна канцелариска работа без постојано користење на класичен екран.
Значително поголем исчекор во однос на претходникот
За споредба, претходниот „Hisense A9“ беше претставен во мај 2022-ра година со почетна цена од 1.799 јуани. Тој модел имаше 6,1-инчен e-ink екран со густина од 300 PPI и Qualcomm Snapdragon 662 4G процесор.
Во однос на него, „Hisense A10“ изгледа како значително поамбициозен уред. Комбинацијата од e-ink екран, дополнителен магнетен LCD-екран во боја, „Android 16“, 5G-поврзување и помоќен Qualcomm процесор покажува дека „Hisense“ сака „e-ink“ телефоните да ги доближи до поширок круг корисници, а не само до оние кои ги користат исклучиво за читање.



