Александар Сарџовски: Компаниите повеќе не купуваат само струја – тие бараат сигурен партнер
Во период на динамични промени на енергетскиот пазар, ЕДС бележи значителен раст и го зацврстува своето место меѓу водечките снабдувачи со електрична енергија во земјата. Во изминатите 18 месеци компанијата го зголеми тројно бројот на клиенти, го зголеми својот пазарен удел и продолжи да инвестира во нови услуги и дигитални решенија за корисниците.
Во интервјуто генералниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски, зборува за факторите кои стојат зад растот на компанијата, улогата на ЕДС во рамки на PPC Group, плановите за дигитализација, како и за новата понуда со фиксна цена на електрична енергија која на компаниите им носи поголема предвидливост и сигурност во работењето.
Денар: Изминатиот период беше обележан со значителен раст на ЕДС. Кои резултати најдобро го отсликуваат развојот на компанијата?
Во последните 18 месеци ЕДС оствари еден од најдинамичните периоди на раст во своето работење. Го зголемивме тројно бројот на клиенти, додека нашиот пазарен удел порасна на значително, позиционирајќи се како втор најголем снабдувач со електрична енергија, што претставува јасна потврда за довербата што бизнис заедницата ја има во нашите услуги и решенија.
Овие резултати не се случајни – тие се резултат на јасна стратегија насочена кон клиентите, континуирани инвестиции во развој на производи и услуги и силната поддршка што ја имаме како дел од PPC Group.

Она што особено нè радува е што растот не се темели само на бројки. Во изминатиот период изградивме бројни долгорочни партнерства со компании од различни индустрии, кои во ЕДС препознаваат сигурен снабдувач и партнер што им помага да ги контролираат своите трошоци и да носат подобри деловни одлуки.
Верувам дека токму комбинацијата на стабилност, конкурентност, иновативни производи и високо ниво на услуга е главната причина поради која сè повеќе компании го избираат ЕДС за свој снабдувач со електрична енергија.
Денар: Како ЕДС се вклопува во долгорочната стратегија на PPC Group и што значи тоа за клиентите на домашниот пазар?
ЕДС е важен дел од стратегијата на PPC Group за зајакнување на присуството во Југоисточна Европа и развој на интегриран енергетски екосистем во регионот.
PPC денес е една од најголемите енергетски групации во регионот, со значајни инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетски складишта, дигитални услуги и нови технологии. Како дел од оваа групација, ЕДС има пристап до знаење, експертиза и ресурси кои ни овозможуваат да понудиме поголема стабилност и подобри решенија за нашите клиенти.
За нашите клиенти тоа значи дека добиваат локален партнер со силна регионална поддршка и пристап до најновите трендови во енергетскиот сектор.
Денар: Дигитализацијата станува сè поважен дел од енергетскиот сектор. Кои се плановите на ЕДС во оваа област?
Дигитализацијата е еден од нашите стратешки приоритети. Денешните клиенти очекуваат брзина, едноставност и пристап до информации во реално време.
Во таа насока, веќе ја лансиравме новата веб-страница на ЕДС, а работиме и на дополнително унапредување на дигиталните услуги. Нашата цел е клиентите да можат полесно да пристапуваат до информации, да комуницираат со нашите тимови и да управуваат со своите договори и енергетски потреби преку дигитални канали.
Следејќи ја трансформацијата на PPC Group кон современа PowerTech компанија, веруваме дека иднината на енергетскиот сектор ќе биде сè повеќе поврзана со дигитални алатки, автоматизација и персонализирани кориснички искуства.
Денар: ЕДС неодамна ја претстави понудата со фиксна цена на електрична енергија во период од 24 месеци. Зошто сметате дека оваа понуда е важна за компаниите?
Во време кога неизвесноста на енергетските пазари сè уште е присутна, компаниите имаат потреба од предвидливост. Токму затоа ја креиравме понудата со фиксна цена на електрична енергија за период од 24 месеци.
Ова е единствена ваква понуда на пазарот која им овозможува на компаниите однапред да ги планираат своите трошоци за енергија во подолг временски период. За многу бизниси тоа претставува значајна конкурентска предност, бидејќи им овозможува подобро финансиско планирање и поголема контрола врз оперативните трошоци.
Стабилноста денес е дури и поважна од цената, а нашата цел е да им помогнеме на компаниите да ги добијат и двете.

Денар: Сè повеќе компании покажуваат интерес за зелена енергија и ESG стандарди. Како ЕДС одговара на овие потреби?
Одржливоста станува важен дел од деловните стратегии на компаниите, особено кај оние кои работат со меѓународни партнери или се дел од глобални синџири на снабдување.
ЕДС им овозможува на клиентите снабдување со електрична енергија од 100% обновливи извори, потврдено со Гаранции за потекло. Со тоа компаниите можат транспарентно да ја документираат употребата на зелена енергија и да ги исполнат своите ESG цели.
Веруваме дека во иднина побарувачката за вакви производи ќе продолжи да расте, а наша задача е да им помогнеме на клиентите полесно да ја реализираат својата зелена транзиција.
Денар: Кои се вашите приоритети за ЕДС во следниот период?
Нашиот фокус останува на три клучни области: раст, дигитализација и иновации.
Ќе продолжиме да го прошируваме нашето присуство на пазарот, да инвестираме во подобро корисничко искуство и да развиваме нови производи и услуги кои ќе создаваат вредност за клиентите.
Истовремено, ќе продолжиме да ја користиме силата и експертизата на PPC Group за да донесеме современи енергетски решенија на локалниот пазар. Нашата амбиција е ЕДС да остане прв избор за компаниите кои бараат сигурен, иновативен и долгорочен енергетски партнер.



