ПочетнаЕКОНОМИЈАМириса на избори, штом политичарите зборуваат за стандардот на граѓаните, тоа ќе...

Мириса на избори, штом политичарите зборуваат за стандардот на граѓаните, тоа ќе е!

Реконструкција на влада, влошени односи со Бугарија, негативен извештај од Брисел, а во иосто време опозиција која е без конкренет план како да делува во време кога на власта баш и не и оди како што си замислила. И тоа што секогаш пали кај народот секако е темата за  стандардот. Власта вели го подобрува, опозицијата тврди дека е на дното не само во регионот туку и пошироко. Ваквите потези потсетуваат само на едно, а тоа е подготовка за нови избори.

Од СДСМ ја обвинуваат власта за пад на животниот стандард, ниски плати, зголемен јавен долг и намалени странски инвестиции. Од партијата оценуваат дека Владата не ги исполнила ветувањата за подобар живот на граѓаните. Ако нема пари за граѓаните, ако нема развојни проекти, каде завршија 2,5 милијарди евра нови задолжувања, прашуваат од СДС. Додаваат дека и покрај огромното зголемување на јавниот долг, граѓаните не гледаат никаков бенефит, ниту пак се реализираат значајни развојни проекти.

„Се поставува прашањето, ако нема пари за граѓаните, ако нема развојни проекти, каде завршуваат парите? Каде завршуваат парите од зголемувањето на јавниот долг, од 2,5 милијарди евра, од 8,5 милиајрди евра на скоро 11 милијарди евра, кога граѓаните не гледаат никаков бенефит. Нормално парите се таму каде што секој ден укажуваме, а тоа се партиските тендери. Нема капитални инвестиции, не се капитални инвестиции само патиштата. Капитални инвестиции се и болници, училишта, студентски домови, енергетски мрежи, ништо од тоа нема.“ обвинуваат од СДСМ 

контра ставот на власта е дека просечната плата е зголемена  за 8.000 денари а за 2 години примањата растат побрзо од цените. Кога растот на платите ќе се коригира со растот на цените, реалното зголемување на просечната плата изнесува близу 11 проценти, велат од ВМРО ДПМНЕ. Тоа значи дека платите не само што го следат растот на цените, туку растат значително побрзо и реално ја зголемуваат куповната моќ на граѓаните, додаваат властите.

Нивните пресметки покажуваат дека најголемо зголемување во апсолутен износ има во информациите и комуникациите, транспортот и складирањето и во рударството. Процентуално, највисок раст има во транспортот, дејностите поврзани со недвижен имот и во образованието. Овие бројки се потврда дека економските политики даваат резултати и дека приходите на вработените растат. А позитивни сигнали веќе испраќа и индустријата.

„Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во 2026 година бележи раст од 7,6% во однос на 2025 година, при што целокупната економска активност останува во позитивна зона, со раст од 0,2%. Ова е резултатот на економските политики на Владата, насочени кон конкретна и реална поддршка на домашните компании“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

А во реалноста, минималната синдикална кошничка за јуни изнесува 68.654 денари, само 88 денари помалку од мај, додека со кирија достигнува 84.024 денари. Иако статистички станува збор за мал пад, граѓаните велат дека реалното олеснување во семејниот буџет речиси и да не се чувствува.

Цените на храната, основните производи и услугите и понатаму остануваат висок товар за домаќинствата. Најголем дел од трошоците и понатаму оди за храна и пијалаци. За оваа ставка во јуни биле потребни 25.120 денари, односно 36,6 отсто од вкупната минимална кошничка. За образование биле пресметани 7.192 денари, или 10,5 отсто од кошничката. За облека и обувки семејствата издвојувале 6.511 денари, додека за режиски трошоци во сопствен дом, како струја, вода и греење, биле потребни 6.379 денари. Рекреацијата и културата изнесуваат 5.592 денари, транспортот 5.089 денари, а рестораните и хотелите 4.131 денар. За комуникации биле пресметани 3.677 денари, за лична хигиена 2.667 денари, а за здравје 1.196 денари.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП