ПочетнаКОМПАНИИВојната во Иран го намали профитот на „Wizz Air“ за околу 50...

Војната во Иран го намали профитот на „Wizz Air“ за околу 50 милиони евра

Нискобуџетната авиокомпанија „Wizz Air“ објави значителен пад на профитот во финансиската 2025/2026 година, при што само последиците од војната во Иран го намалија за околу 50 милиони евра. И покрај ова, превозникот опслужи рекорден број патници и одржува оптимистички очекувања за својот развој.

Годишната оперативна добивка на „Wizz Air“ изнесуваше 139,7 милиони евра на крајот на март 2026-та година, што претставува пад од 16,6 проценти во споредба со претходната финансиска година, објави компанијата.

Нето добивката практично се стопи, паѓајќи од 213,9 милиони евра на 1,3 милиони евра на годишно ниво.

Авиокомпанијата соопшти дека имала голем број еднократни трошоци во текот на годината, вклучувајќи одржување и поправки на стари авиони што се деактивирале, испорака на нови авиони и зголемување на трошоците за екипажот за 16%.

Војната во Иран имаше дополнително негативно влијание. Компанијата ги проценува своите загуби на околу 50 милиони евра поради прекинот на летовите до Тел Авив и други дестинации на Блискиот Исток.

Во оваа фаза, „Wizz Air“ не објави прогноза за своите финансиски резултати за тековната година, наведувајќи ја неизвесноста околу ситуацијата на Блискиот Исток и последиците од ограничувањата за превоз преку Ормутскиот теснец.

И покрај притисокот врз профитот, авиокомпанијата превезе рекордни 69,7 милиони патници во финансиската година што заврши на крајот на март. Ова е зголемување од околу 10% во споредба со претходниот период.

Приходите од продажба на авионски билети се зголемија за 8,4 проценти на 3,16 милијарди евра.

Факторот на пополнетост на седиштата, кој покажува колку од капацитетот на авионите е искористен, се намали за 0,5 процентни поени на 90,7 проценти. Според компанијата, ова во голема мера се должи на влијанието на конфликтот на Блискиот Исток врз воздушниот транспорт.

„Продолжуваме да растеме и да им служиме на сè повеќе клиенти“, рече извршниот директор на авиокомпанијата, Јожеф Варади.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП