ПочетнаКОМПАНИИТвојот талент заслужува можност: Македонија2025 го отвора повикот за стипендии за средношколци

Твојот талент заслужува можност: Македонија2025 го отвора повикот за стипендии за средношколци

Фондацијата МК2025 го отвора повикот за стипендии „Таленти денес – лидери утре“ за учебната 2026/2027 година и ги повикува сите амбициозни средношколци од Македонија да аплицираат и да станат дел од новата генерација млади таленти.

Повикот е наменет за средношколци кои покажуваат одличен успех, учествуваат на натпревари, имаат љубопитност, идеи, амбиција и желба да се развиваат. Ова е можност за младите кои сакаат да го направат следниот чекор во своето образование, личен развој и идни професионални цели.

Преку Фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“, и оваа година ќе бидат избрани 10 стипендисти. Поддршката за секој/а стипендист/ка изнесува 60.000 МКД, исплатени во 10 еднакви месечни износи во текот на учебната година, односно во месеците во кои се одвива настава – од септември 2026 до јуни 2027 година.

Macedonia2025

Но, оваа програма е многу повеќе од финансиска стипендија. Таа е можност за менторство, обуки, практични искуства, поврзување со успешни професионалци и учество во активности на Фондацијата МК2025 и Македонија2025. Целта е да им се помогне на младите таленти да продолжат да учат, да се развиваат и посигурно да чекорат кон своите цели.

Кој може да аплицира?

Право на аплицирање имаат:

● средношколци од прва до трета година на редовна настава во државни средни училишта;
● ученици со просечен успех над 4.70;
● добитници на награди или учесници на државни и/или меѓународни натпревари во областа на природните и општествените науки, компјутерското програмирање и други области;
● кандидати-ученици кои доаѓаат од социјално ранливи семејства со вкупен годишен бруто приход во семејството до 925.000 МКД.

Корисниците на стипендија за 2025/2026 година потребно е повторно да аплицираат на отворениот повик, доколку ги исполнуваат критериумите.

„Со оваа програма не поддржуваме само одлични ученици – поддржуваме млади луѓе со визија, труд и потенцијал. Веруваме дека вистинската поддршка, дадена во вистински момент, може да биде пресвртница во нивниот образовен и личен развој. ‘Таленти денес – лидери утре’ е повеќе од стипендија – тоа е вложување во иднината на Македонија“, посочија од Македонија2025.

Досегашните стипендисти се најдобар доказ дека ваквата поддршка може да направи значајна разлика. Нивните приказни зборуваат за труд, истрајност, нови можности и верба во сопствениот потенцијал. Осознајте ги импресиите на поранешните и сегашните стипендисти тука: https://macedonia2025.com/support-fund-for-talented-students-talents-today-leaders-tomorrow/

Повеќе информации за програмата, начинот на аплицирање и потребната документација се достапни на следниот линк: https://macedonia2025.com/en/news/fondacija-mk2025-otvoren-povik-za-stipendiranje-na-deset-10-srednoshkolci-talenti-denes-lideri-utre

Апликациите се поднесуваат електронски преку E-scholarships платформата на Македонија2025. За валидни ќе се сметаат само апликациите поднесени преку платформата.

Крајниот рок за доставување на апликациите е 15 август 2026 година, до 23:59 часот.

Досега, преку програмата „Таленти денес – лидери утре“ се доделени 50 стипендии. Сега е редот на новата генерација.

Не пропуштајте ја оваа можност – аплицирајте, развивајте се и станете дел од заедницата на млади таленти и идни лидери!

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП