Властите повторно се испофалија дека сме помеѓу водечките економии во Европа. Поголем раст на Бруто домашниот производ од Македонија според европската статистика имаат само неколку држави.
Македонија во првите три месеци од годинава испорача раст на економијата од 3,1 отсто, а производството во индустријата се зголеми за над 7 проценти. Тоа за власта се повеќе од охрабрувачки бројки кои и даваат оптимизам дека работите се движат во добра насока.
Но, клучното прашање кое сега се поставува е кога македонските граѓани ќе почуствуваат подобрување на нивниот живот.
Во време на светска криза каква што е актуелната, растот на македонскиот БДП од над три проценти е за поздравување, во сите останати околности тој резултат не значи ништо посебно ако се знае дека со самото нормално функционирање на една држава економијата што би се рекло – сама по себе ќе го оствари тој раст.
А владината презентација на податоците за ваквиот раст преку која имаа за цел да прикажат дека ништо не е случајно туку тие како креатори на економските политики се заслужни за овие позитивни бројки.
„Индустриското производство во април 2026 година е зголемено за 7,6 проценти во споредба со април минатата година. Во првите четири месеци од 2026 година, ретко која држава во Европа има индустриско производство што се наоѓа во позитивна зона. Растот е мал, 0,2 проценти, но сепак е позитивен раст, имајќи предвид дека се соочуваме со најголемата енергетска криза во светот.“ велат од Владата.
Наспроти ваквите позитивни бројки, се кријат и податоци кои не се баш пријатни за презентирање бидејќи со нив не може да се изнудат аплаузи.
И натаму стапката на сиромаштија во државата е над 20 отсто што вели дека секој 5-ти човек во Македонија не може да си дозволи три оброка на ден. Со минимална плата која е под 500 евра живеат околу 70 отсто од работниците во државата, а инфлацијата од месец во месец се повеќе го јаде македонскиот стандарт.
Бруто домашниот производ (БДП) по жител, според стандардот на куповна моќ, во Македонија лани изнесувал 42 отсто од просекот на ЕУ и е меѓу најниските, покажуваат последните податоци на Евростат.

И.П



