Македонија се движи кон срамното последно место по основ на работничките права. Ваква оценка даде извештајот за 2026 година – Индекс за Глобални права ,,Најлошите држави во светот за работниците”. Податоците од извештајот велат дека Македонија е во друштво на најлошите држави во светот за работниците поради нападите на синдикалните лидери и на нивните семејства, формирањето и дејствувањето на квази жолти синдикати и постојаните обиди и напори да се задуши колективниот глас на работниците од страна на владата и работодавачите.
Наместо посакуваното подобрување, тапкање во место со индиции на очигледни влошени состојби во нашата држава. Ова го препозна Меѓународната конфедерација на синдикати во Извештајот за 2026 година – Индекс за Глобални права ,,Најлошите држави во светот за работниците”, во кој повторно ја рангираше Македонија на 4-тото место во рангот на земјите со систематско прекршување на правата на работниците или на претпоследното место.
„За разлика од минатогодишниот извештај, оваа година и со вклучени обсервации на сериозни дополнителни прекршувања на правата на работниците и синдикатите и влошени состојби кои резултираа со големи работнички протести, а сето тоа отварајќи го патот Република Македонија полека, но сигурно да се приближува до срамното последно место (5- тото место е за државите каде што работниците немаат гарантирани работнички права), што е за очекување со односот на власта и работодавачите, а со тоа и свесно туркање на Македонија со држави кои покажуваат очајни резултати кога станува збор за положбата на работниците и нивните права и слободи меѓу кои и оние права на слободно синдикално здружување, кое нешто нашата држава не смее да си го дозволи“, велат од ССМ.
Во Извештајот, на прво место е нотиран срамниот настан кој се случи во февруари годинава и тоа по одржување на еден од најголемите работнички протести во поновата историја на Македонија, кој го организираше Сојузот на синдикатите на Македонија, а каде учество земаа илјадници работници кои се охрабрија и се придружија на синдикалните преставници на улица, протестирајќи за зголемување на своите плати.
„Претседателот на ССМ и неговото семејство беа цел на следење преку објавување на снимки од нивниот приватен живот објавени на социјалните медиуми, а сето тоа од страна на пратеници на владеачката политичка партија кои наместо ваквото срамно дејствување, треба да вршат улога на народни претставници, кое нешто е оценето како грубо кршење на правото на приватност, особено ако се има предвид дека во снимките се вклучени малолетни деца и членови на семејството кои немаат никакво улога во синдикалните активности на Претседателот на ССМ нотирани се како голем прекршок. Несомнено е дека сето ова во Извештајот е препознаено како низа незаконити активности со цел да се изврши притисок на синдикалното движење на ССМ, како единствениот синдикат кој се бори за платите и правата на работниците, наместо да дејствува како заробен синдикат, а токму за тоа се зборува понатаму во Извештајот кога станува збор за нашата држава“, велат синдикалците.
Како што и постојано ССМ предупредува и оваа година забележано формирање и дејствување на жолт синдикат и тоа под политичка наредба, како и забележано е присилување на работниците да се приклучат на таквиот жолт синдикат кој наместо да работи во интерес на работниците, работи во интерес на газдите и политичката партија под чија наредба и се формирал, односно онаа политичка партија која што е на власт.
Па, така меѓу државите каде е евидентирано ограничување на слободата на здружување се наоѓа и земјава, за која е наведено дека членовите на синдикатите се отпуштани, притиснати да дадат оставка или поткопани и оштетени од страна на токму жолтите синдикати, оние доминирани или под целосно влијание на работодавачот и државната репресија.
Она што несомнено е следно утврдено во Извештајот е тоа дека почнувајќи од 2025 година, Сојузот на синдикатите во Македонија и другите синдикати и тоа оние здружени во ССМ се мета на напади оркестрирани од Владата како одговор на нивната кампања за зголемување на минималната плата.
И.П



