ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАТуристи, прочитајте ги вашите права пред да ѝ оставите пари на агенцијата

Туристи, прочитајте ги вашите права пред да ѝ оставите пари на агенцијата

Летувањето не почнува кога ќе се качите во автобус или авион. Почнува многу порано, во оној момент кога на шалтер или преку порака ќе ви речат: „Само уплатете аванс, местата брзо се полнат“. Токму тука, велат познавачите на туризмот, најчесто почнуваат и проблемите.

Туристичките агенции имаат право да продаваат аранжмани, но туристите имаат право да знаат што точно купуваат. Не „убав хотел“, не „близу до море“, не „стандардна соба“, туку конкретно: име на хотел, категорија, тип на соба, број на ноќевања, превоз, време на тргнување, цена, доплати, услови за откажување и што се случува ако нешто се смени. Законот за туристичка дејност го уредува работењето на агенциите, а пакет-аранжманот опфаќа однапред договорена комбинација од најмалку две услуги, како превоз, сместување или друга туристичка услуга, кога патувањето трае подолго од 24 часа или вклучува ноќевање.

„Најголема грешка е кога граѓаните плаќаат само врз основа на фотографија и убава приказна“, велат експерти за потрошувачки права. „Аранжманот мора да биде јасен пред уплата, не после тоа“.

Тоа значи дека туристот треба да бара писмена програма и договор. Не е срамота. Не е недоверба. Тоа се ваши пари. Ако во понудата пишува хотел со четири ѕвезди, а на лице место ве сместат во објект што едвај личи на пансион, тоа не е „мало недоразбирање“. Тоа е проблем за кој треба веднаш да се реагира.

Познавачите советуваат сè да се чува: договор, фискална сметка, уплатница, пораки, ваучер, програма, фотографии од собата, дописи со агенцијата. Ако нешто не е како што било договорено, туристот не треба да чека да се врати дома за првпат да се пожали. Треба веднаш да ја извести агенцијата или претставникот на агенцијата, по можност писмено.

„Ако собата не одговара, ако нема клима, ако хотелот е подалеку од наведеното, ако превозот е сменет без објаснување, туристот треба да побара решение веднаш“, велат познавачи на оваа област. „После седум дена молчење, секоја жалба потешко се докажува“.

Посебно внимание треба да се обрне на таканаречените „важни измени“. Тоа се ситуации кога патувањето веќе не одговара на она што сте го платиле: промена на времето на поаѓање за цел ден, сместување во друга категорија, неисполнети услуги во текот на патувањето или замена на хотел без вистинско објаснување. Организацијата на потрошувачите во своите материјали посочува дека ваквите измени се суштински кога патувањето повеќе не одговара на очекувањата и на договореното.

И тука е клучниот момент. Туристот не мора по секоја цена да прифати сè што ќе му се сервира. Ако агенцијата направи значајна промена, патникот треба да биде информиран и да знае кои му се опциите. Да прифати замена, да побара соодветно намалување на цената или, во одредени случаи, да бара враќање на парите.

Економистите велат дека летните аранжмани се голем семеен трошок и затоа граѓаните не смеат да се однесуваат како да купуваат ситница од тезга.

„За едно четиричлено семејство, одмор преку агенција може да биде една цела плата, па и повеќе“, велат економисти. „Токму затоа договорот не е формалност, туку заштита“.

Агенцијата, пак, не смее да ја префрли целата одговорност на хотелот, превозникот или „партнерот во странство“ ако таа го продала пакетот. Туристот платил кај неа. Со неа склучил договор. Од неа очекува услуга.

Практичниот совет е едноставен: пред да платите, читајте. Прашајте што точно влегува во цената. Дали има туристичка такса. Дали климата се доплаќа. Дали лежалките се вклучени. Колку е хотелот одалечен од плажа. Дали превозот е директен. Кога се враќате. И најважно, што се случува ако вие откажете, а што ако агенцијата откаже.

На крај, најскап е оној одмор што сте го платиле на доверба. Убава фотографија од море не е договор. Насмевка од агент не е гаранција. А „ќе биде средено“ не е правен документ. Туристот што прашува навреме, најчесто се нервира помалку подоцна.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП