Бизнисот и академската заедница на заедничка маса кројат планови за работната сила на земјава. Иднината на пазарот на труд ќе зависи од квалификуваните работници, колку ги има повеќе толку подобра ќе биде и македонската економија. Дуалното образование не е само образовен модел, туку стратешка инвестиција во иднината на младите, компаниите и македонската економија. Ова беше главната порака од форумската дебата „Дуално образование – врска меѓу компаниите и студентите“, што се одржа на Хајделберг факултет во Скопје. Настанот отвори суштинска дискусија за едно од најважните прашања за иднината на земјата: како образованието да престане да создава само дипломи и да почне да создава млади луѓе подготвени за реалниот живот, за реалните компании и за пазар на труд кој се менува побрзо од кога било.
Според Проф. д-р Синиша Наумоски, кој е воедно и генерален директор на Хајделберг, суштинската мисијата на факултетите е да понудат образование кое ги поврзува академското знаење, практичната работа и директната соработка со компаниите.
„Мора конечно да започнеме да создаваме млади луѓе подготвени за реалниот живот и за компаниите. Студентите на Хајделберг факултетот не се само слушатели во образовниот процес, туку партнери во модел кој им овозможува уште за време на студирањето да работат во компании, да стекнуваат искуство, да се развиваат професионално и да ја градат својата иднина дома. Најголемата инвестиција денес не се згради, автомобили или бројки на сметка. Најголемата инвестиција е образованието што можеме да им го дадеме на младите“, истакна Наумоски.
Мора да се отвори конкретното прашање, што навистина бараат компаниите од младите. Работодавачите сè повеќе бараат млади луѓе со практични вештини, самостојност, комуникациска способност, критичко размислување, иницијатива и подготвеност за постојано учење. Од Стопанската комора сметаат дека дуалното образование е модел кој може да ја намали празнината меѓу она што го нуди формалното образование и она што го бара реалниот сектор.
„Бизнисот бара вештини. Бизнисот бара употребна вредност што знае еден млад човек да направи кога ќе дојде на работното место. Ако сакаме државата да оди напред, мора да вложуваме во образованието“, порача Бранко Азески.
Младите не треба да влезат на пазарот на труд дури по дипломирањето, туку многу порано, преку пракса, менторство, реални задачи и директна работа со компании, а тука дуалното образование ја покажува својата најголема вредност. Практиката им помага на студентите да откријат каде се нивните таленти, каде имаат најголем интерес и во која насока можат најмногу да се развиваат. Како еден од главните заклучоци на оваа средба беше дека Македонија има млади луѓе со потенцијал, но системот мора да им понуди повеќе можности, поголема поврзаност со компаниите и јасна перспектива за развој. Практиката, менторството и работното искуство за време на студирањето се клучни за младите да останат мотивирани, конкурентни и подготвени да градат кариера во земјата.
Дуалното образование треба да стане пошироко применет модел, затоа што создава корист за сите страни: студентите добиваат знаење што веднаш може да се примени, компаниите добиваат кадар подготвен за реални работни процеси, а економијата добива основа за поголема продуктивност, иновации и конкурентност.
И.П.



